Заев за ветинг во судството веднаш, за Жбогар тоа е последна опција

Наспроти премиерот Зоран Заев, кој ги повика институциите веднаш да започнат проверка на имотот на судиите и обвинителите, а Европската комисија да активира инструменти за  мониторинг на судските случаи од висок профил, евроамбасадорот Самуел Жбогар вели дека препораката за ветинг во судството е последна опција и оти во моментот не гледа дека има потреба за такво нешто.

– Процесот што го спроведуваме се вика прочистување во делот на правосудството, кај судиите и јавните обвинители. Поимот ветинг не треба да го употребуваме заради тоа што ветингот, посебно во регионот симболизира една поразлична постапка што се спроведе во соседството, во Албанија, што претходно беше на меѓународни комисии. Ние сме во понапредни фази со реформските закони, пред се во правосудството, дадовме сериозни алатки каде што самите институции може да влезат и да го направат прочистувањето, изјави вчера премиерот Заев, појаснувајќи ја завчерашната изјава дадена на трибината на „Прав пат“, во која ги повика надлежните институции да ја почнат постапката за проверка на имотот на судиите, обвинителите и нивните семејства, а од Судскиот совет побара да ја провери ажурноста на работата на судиите и обвинителите.

– Еден дел се од законите за правосудството односно Законот за судски совет, Законот за судовите, Законот за антикорупциската комисија кои беа донесени со двотретинско мнозинство, сите се по препораки на Венецијанската комисија имаат вградено алатки. Процесот на прочистување може да се спроведе во тој дел, рече Заев.

За евроамбасадорот Самуел Жбогар ветингот во судството е последна опција, која треба да и се случи на земјава.

– Ветингот е последната опција. За ветинг има еден предуслов, тоа е консензусот од сите политички страни, но тоа е последното решение. Во моментот не гледаме дека има потреба за такво нешто. Тоа е нашиот став, секако одлуката останува да се донесе во државата, во Северна Македонија, изјави евроамбасадорот Жбогар по вчерашната средба со претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Сали Мурати.

На новинарско прашање како ЕУ ќе одговори на барањето од премиерот Заев за поддршка за спроведување ветинг во судството, Жбогар посочи дека се уште ја нема слушнато изјавата, но повтори дека ставот на ЕУ е јасен.

– Претпочитаме судството да ги искористи елементите за подобрување од внатре. На крајот и не е во толку лоша состојба, изјави амбасадорот Жбогар.

Шефот на делегацијата на ЕУ во РСМ најави дека ќе породолжат со поддршката и информира дека за следната година планираат проект за мониторирање на случаи на висока корупција. Жбогар изрази уверување дека тоа ќе ја подобри ситуацијата судството.

– Судскиот совет (СС) во континуитет врши проверки за застарувањето на предметите со непосреден увид во Основниот кривичен суд Скопје, велат од СС за МИА во врска со повикот што го упати премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев до Советот да направи проверки за застарувањето на предметите и да ја провери професионалноста на судиите.

– Судскиот совет на ден 9.10.2019 година и 20.11.2019 година започна со проверките за застарувањето на предметите со непосреден увид во Основниот кривичен суд Скопје. Континутетот на проверките продолжува и понатаму со увид на 18.12.2019 година, велат од Судски совет.

Заев исто така ги прозва и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да отвори постапки за проверка на имотот на судиите и обвинителите, а УЈП, Катастарот, Централниот регистар, МВР и Финансиската полиција уште овој месец да почнат проверки на имотот на судии, обвинители и членови на нивните семејства.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана  Ивановска за МИА одговори дека ДКСК веќе има изградено став по тоа прашање и согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси усвојува Годишен план за наредна година, за следење на имотна состојба и судир на интереси, врз основа на извршена анализа и проценка на ризици од корупција во одредени области, што е и основа за изготување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Годишниот план ќе се утврди и ќе се спроведе  врз основа на законските надлежности, а согласно расположливите човечки и  материјално – технички капацитети на Државната комисија.

Законските надлежности на Државната комисија во делот на  следењето на имотната состојба се спроведуваат преку проверка на вистинитоста на податоците внесени во анкетните листови, како и испитување на имотната состојба доколку има основано сомневање дека имотот на лицето е несразмерно зголемен во споредба со неговите редовни примања и примањата на членовите на неговото семејство.

Во делот на следењето на состојбата на судирот на интереси, Државната комисија ги проверува податоците од изјавите за интереси кои се однесуваат на работни места, членство во управни и надзорни одбори, здруженија на граѓани и фондации и други податоци кои се однесуваат на  избраните и именуваните лица и членовите на нивните семејства.

– Испитувањето на имотната состојба, е нова надлежност на Државната комисија, за чие спроведување  потребно е зајакнување на постојните човечки и  материјално – технички услови и  вклучување на други истражни органи, појаснуваат од ДКСК.

Имајќи ја предвид искажаната подготвеност на премиерот за ставање на располагање на сите капацитети на извршната власт за ефикасно спроведување на постапките за испитување на имотната состојба, Државната комисија смета дека е неопходна  координација на сите надлежни институции, но врз основа на конкретни задолжувања од страна на Владата на Република Северна Македонија.

– Ветингот треба да започне што поскоро, ова е пораката на ДУИ, партија која преку политичка дебата уште еднаш упати апел за политичка волја, нивната идеја да се реализира пред изборите. Пратеникот Артан Груби рече дека ветингот не треба да се гледа со двојни стандарди ниту како придобивка за политички поени пред изборите. 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *