Градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески денеска даде отчет за сработеното во новиот состав на Локалната самоуправа. Во обраќањето како приоритети тој ги посочи одговорното и домаќинско управување со општинските ресурси и драстично намалување на сите непродуктивни трошења.
Меѓу оствареното уште укажа на транспарентна и отчетна локална власт, проекти за подобрена патна и водоводна инфраструктура, зголемена социјална сигурност.
– Две години е доволен период за да зборуваме за конкретни резултати, за повеќе завршени проекти, за уште поголем број отпочнати проекти на кои во моментов активно се работи, истакна Ногачески.
Кога станува збор за заштедите, тој посочи дека има намалување на трошоците за дневници за службени патувања, трошоци за репрезентација, списанија, весници и други изданија, телефон, правни услуги, услуги за копирање, издавање, односно дека по таа ставка само минатата година е направена заштеда од 729.666 денари.
– За две години износот на потрошени средства за дневници и репрезентација на градоначалникот изнесува нула денари, рече Ногачески.
Тој потенцира дека во текот на изминатите две години се усвоени неколку стратешки документи за развој на руралниот туризам, вложено е во образованието, со санација на подрачното училиште во Требеништа, поставено централно греење во училиштето во Мешеишта, набавени надгледни средства и помагала за општинското основно училиште.
За мотивирање на учениците воведени се и повеќе мерки како бесплатна ужинка за сите ученици во основното образование, бесплатни еднодневни ученички екскурзии, директна финансиска поддршка за талентирани ученици, ученички стипендии за ученици од средното образование, студентски стипендии, доделување награда „Првенец на генерација“ и ученици на генерација во основното образование, а се инвестира и во подобрување на спортската инфраструктура.
Кога станува збор за социјалната сигурност, доделена е помош за социјално загрозени лица, како и субвенции за склучување брак и новороденче, а во континуитет се подржуваат и активностите на пензионерите.
Ногачески уште укажа на инвестирањата во подигнување на квалитетот на комуналните услуги, како и во подобрување на патната мрежа, при што се извршени низа асфалтирања на улици, изградени се тротоари, решен е проблемот со атмосферските води на две улици во село Мешеишта, санирани се мостови, редовно оджување на патишта во зимскиот период.
Во својот отчет Ногачески наведе и дека е инвестирано во подобрување на водоводната инфраструктра, се извршила санација на неколку општински и објекти на месни заедници, овозможена е финансиска поддршка на културните содржини, а во однос на екологијата-исчистени се депонии во општината, а редовно се чистат и речните корита и канали.
Уште додаде дека во тек е реализција на проектите за изградбата на секундарна фекална канализација во Волино, реконструкцијата на патниот правец за село Арбиново, доизградбата на патниот правец Волино–Мороишта, изградбата на резервоар за водоснабдување на село Издеглавје, уредување на патека и поставување на летниковци на Слатинско Езеро.
Great mix of humor and insight! For additional info, click here: READ MORE. Any thoughts?