Заменик министерот Макрадули во посета на Кавадарци

Борбата за здрава животна средина е еден од приоритетите, порача заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, кој денеска беше во посета на Кавадарци, каде разговараше со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев за проектите со кои општината има аплицирано и добиено пари од Министерството.

-Ме радува што заеднички соработуваме во зачувувањето на здравата животна средина, но и намалувањето на аерозагадувањето,  како еден од најголемите предизвици што постои во Република Северна Македонија. Денеска во рамки на имплементацијата на планот за чист воздух, ќе ги посетиме училиштата каде се врши замената на еколошките извори и замената на нафта со уреди на струја. Она што сакам да го нагласам е дека ова не само што е добро за децата кои учат таму, туку тоа значи и заштеда на пари, рече Макрадули.

Со енегетската ефикасност, додаде, некаде заштедите можат да дојдат и до триесетина проценти.

-Во една заедничка борба, како што тоа треба да го прават општините заедно со централната власт, ќе успееме да се справиме со предизвиците за заштита на животната средина, нагласи Макрадули.

Јанчев изрази благодарност до Министерството и потсети за кои проекти станува збор. Се работи, како што кажа, за намалување на аерозагадувањето, менување на системот за греење во училиште и градинка со еколошки грејни тела, за што беа издвоени над пет милиони денари. Тука е и проектот за енергетската ефикасност,  за која се добиени милион и 800 илјади денари, за неколку училишта. Градоначалникот потсети и на проектот за завршување на колекторскиот систем.

Прашан за коментар за реакциите на неготинци за изградбата на депонија за индустриски неопасен отпад, Макрадули рече дека во државата мора да се направи систем за третирање на отпадот. Целта на сите вакви системи, нагласи, е да биде добро и за заштитата на животната средина, но и отпадот да се третира, а не да се расфрлува наоколу.

-Будно следиме и согласно на нашите законски обврски, ја контролираме оценката на влијание врз животна средина што е презентирана на јавна расправа. Наша задача е да инсистираме на користење на најдобра пракса и техники кои постојат, за да не се влијае штетно врз животната средина. Во овој момент не е ништо конечно, начинот на продажба или начинот на целиот концепт што е направен, е предмет и на разгледување од страна на државното правобранителство. Во овој момент нема опасност за никој и тоа е еден процес кој не може да се случи преку ноќ, дециден беше Макрадули во изјава за медиумите.

 

One thought on “Заменик министерот Макрадули во посета на Кавадарци

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *