„Охрид ЅОЅ“: Површно и непрофесионално изработени стратешките документи за Охридскиот регион

Институциите во државата задолжени за заштита на Охридскиот регион како единствено национално богатство заштитено од УНЕСКО, продуцираат стратешки документи што ни оддалеку не можат да одговорат на поставената задача. Планот за управување со природното и културното наследство 2019-2028 и Нацрт-извештајот за стратегиска оценка на животната средина по Планот се далеку од неопходното ниво на заштита на регионот.

Ова се истакнува во последниот допис на активистите од Граѓанската инцијатива „Охрид ЅОЅ“, повикувајќи се на проценките што за односните документи ги има дадено Центарот за светско наследство, ИУЦН и ИКОМОС.

Посочените документи, според „Охрид ЅОЅ“, не гарантираат воспоставување одржливо управување со Охридскиот регион, контрола на урбанизацијата, запирање на вртоглавиот процес на деградација, унапредување на природните квалитети и трајна заштита на светското наследство во иднина, сето тоа десет години откако тие заложби беа зацртани со Законот за управување со Охридскиот регион.

-Планот и Стратегиската оцена кон Планот се изработени крајно површно и непрофесионално и како такви не може да гарантираат трајна заштита на Охридскиот УНЕСКО Регион, стои во дописот, притоа истакнувајќи оти двата документа се олицетворение на практики што не им доликуваат на лица кои имаат статус на експерти, практики што во никој случај не ѝ доликуваат на влада која се претставува себеси како целосно посветена на темелна и сеопфатна заштита и унапредување на единствениот УНЕСКО регион во нашата земја.

За самиот процес на донесување на документите од „Охрид ЅОЅ“ велат дека наместо „консултации со јавноста“ што би обезбедила ефективна комуникација со засегнатите страни, биле спроведени „само евтини театарски претстави скапо платени со народни пари“.

-Самите документи, пак, не се ништо повеќе од типичен одраз на суровата реалност во која живееме – во оваа земја останаа само оние без интегритет и трошка професионалност да ни ја кројат иднината и да носат одлуки во името на сите нас, посочуваат активистите на „Охрид ЅОЅ“, кои во дописот во кој понатаму се прави детална анализа на Планот за управување и Стратегиската оцена на животната средина (СОЖС) кон Планот.

Исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион како еден од само 39 локалитети на мешано (природно и културно) светско наследство на планетата, заслужува да биде препознаена и заштитена со План за управување изработен според светски стандарди. За „Охрид ЅОЅ“, предложениот План за управување е многу под нивото на очекуваниот квалитет.

-Имајќи го предвид сето горенаведено, упатуваме категорично барање до надлежните да ги повлечат непрофесионално изработените документи и да ја започнат процедурата за нивно конципирање од почеток. Власта мора да престане да се однесува дилетантски и на проблемот да му пристапи со сета негова сериозност, што значи професионално да ги изработи Планот и СОЖС, со експерти од највисок калибар, со помош од ИУЦН и ИКОМОС, и со „широка консултација со засегнати страни“ во вистинска смисла на зборот. Државата го сака престижот на титулата „Светско наследство на УНЕСКО“ и следствено е обврзана да испорача План за управување од највисок квалитет, соодветен за Охридскиот регион, стои меѓу другото во дописот од „Охрид ЅОЅ“.

Граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“ сите свои забелешки и коментари по однос на двата документи на повеќе од сто страници пред десеттина дена ги достави до министерствата за животна средина и просторно планирање и за култура.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *