Иселениците од Америка донираа 22 музички инструменти за училиштето во Вратница

Учениците од основното училиште „Симче Настовски“ во тетовска Вратница во иднина ќе можат да користат 22 музички инструменти кои се добиени како донација од иселениците во САД. Донацијата се реализира со ангажманот на поранешниот директор Бошко Стојчевски.

– Добротворниот клуб при Македонската православна црква „Света Богородица“ од Детроит испрати 22 музички инструменти за учениците од нашето училиште. Голема благодарност за нашите иселеници од Вратница Душан Синадиноски, Борче Силјановски и Коце Михајловиќ, како и Американецот Џеф Кембел од добротворната организација „Гладни за музика“, кои ја се ангажирале за донацијата, информираат од училиштето.

Во училиштето пристигнаа шест виолини, четири труби, пет кларинети, два саксофони, четири флејти и еден барабан со вкупна вредност од 12.000 долари.

– Музичките инструменти ќе ни помогнат учениците да се запознаат со музичка култура. Нашите заложби се да се направи летен музички камп како и да се формира и истурена музичка паралелка на музичкото училиште, истакнуваат од раководството на училиштето.

Дијаспората, односно иселените од Вратница во САД и порано донирале за училиштето. Детското игралиште во дворот е формирано со помош на иселеникот Мирослав Гавриловски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *