Новини во постапката за избор на владините функционери – државните секретари и директори, предвидува Предлог законот за висока раководна служба, што го усвои Владата, а којшто ќе стапи во сила девет месеци откако ќе биде изгласан во Собранието.
Ресорниот министер Дамјан Манчевски денеска порача дека граѓаните треба да бидат сигурни оти ќе бидат избрани најдобрите кандидати. За изборот на секретарите и директорите ќе се формира комисија за висока раководна служба чии членови ќе ги избира посебен комитет преку јавно претставување на кандидатите. За секоја поединечна селекција за високо раководно место ќе се формира посебен одбор.
Законот ќе овозможи деполитизација на администрацијата преку зајакната примена на начелата на заслуги, еднакви можности и соодветна и правична застапеност, како и професионализација на високите раководни позиции, рече денеска на прес-конференција Манчевски.
Досега не постоеше единствен закон во кој се уредени правилата за именување, односно назначување на високата раководна служба. За секретарите имаше регулација во Законот за административни службеници, додека за директорите во 123 посебни закони. Тие закони, појасни Манчевски, беа нецелосни, односно не содржеа одредби за постапката за отворен и фер натпревар, за селекција ниту пак критериуми за избор на најкомпетентен кандидат за раководна позиција, со што беа доведени во прашање начелата на заслуги (merit) и родова рамноправност.
Паралелно со воспоставувањето на системот на висока раководна служба, во тек е процес на структурна реорганизација и оптимизација на јавниот сектор, која, посочи министерот, ќе значи рационализација и намалување на бројот на високи раководни места, но во исто време и поставување линии на отчетност на високите раководители.
Како што информира Манчевски, законот опфаќа 130 органи на државната управа, самостојните државни органи одговорни пред Собранието и јавните претпријатија за кои основач е Владата. Законот нема да се применува во судството, јавното обвинителство, институциите од областа на безбедноста, следењето на комуникациите, разузнавањето, одбраната и Армијата, дипломатско – конзуларните претставништва,општините, град Скопје или општините во град Скопје и од нив основаните јавни претпријатија, јавните установи и регулаторните тела.
Комисијата за висока раководна служба ќе биде со статус на самостоен државен орган, а ќе ја сочинуваат пет члена со мандат од пет години, кои својата функција треба да ја вршат професионално и со полно работно време. Пропишаните услови за кандидатите, меѓу останатото, се да имаат најмалку 15 години работно искуство, а во последните четири години да не биле пратеници, членови на Владата, градоначалник, советник или донатор на политичка партија или да немале функција во органите на политичките партии.
Манчевски информира дека изборот на членовите на комисијата ќе биде инклузивен, отворен и јавен, а ќе го прави комитет, составен од девет члена, со по двајца членови на Собранието од двете најголеми владејачки партии и од двете најголеми опозициски партии, по еден член од ЗЕЛС и од Интеруниверзитетска конференција, од Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на северо-западна Македонија и МАСИТ-Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии. Ќе се додадат и членови од Сојузот на стопански комори и Државната комисија за спречување на корупцијата. Комитетот ќе организира јавно претставување на квалификуваните кандидати за членови на комисијата за висока раководна служба кое ќе се снима и емитува на Собраниски канал,.
За секоја поединечна селекција за високо раководно место ќе се формира посебен одбор. Постапката за избор на високи раководители ќе се состои од три задолжителни фази: административна селекција, тестирање и структуирано интервју. По завршување на интервјуто, одборот подготвува конечна листа со најмногу тројца најуспешни кандидати, поединечно мислење за секој кандидат и извештај за спроведената постапка на селекција.
– Граѓаните ќе бидат сигурни дека бираме од најдобрите кандидати. Тука не гледам никаков проблем. Со овој пример можеби сме една од ретките земји која има ваков можеби малку комплициран, но доволно силен заштитен механизам за да не заштити не толку од лица кои се претставници на политички партии, со оглед дека можеме да имаме кандидат кој е фаворит на некоја партија а кој можеби нема да го помине филтерот од страна на одборот. Немаме апсолутно веќе иста ситуација како досега. Да, ќе имаме луѓе кои можеби имаат партиска книшпка, но и луѓе кои немаат никаква политичка припадност, битно ќе бидат доволно компетентни, професионални и со личен интегритет за да ја извршуваат таа функција, рече Манчевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Во рок од 15 дена од денот на приемот на листата, министерот или управниот одбор треба да спроведе интервју со секој од кандидатите од конечната листа, по што во рок од пет дена од денот на последното спроведено интервју треба да донесе одлука за именување, односно назначување висок раководител. Во случај на конечната листа на кандидати да има само еден кандидат, по спроведување на интервјуто, претпоставениот може да донесе образложена одлука да нема назначување и да побара од комисијата за висока раководна служба да донесе одлука да не се изврши избор.
– Граѓаните ќе бидат сигурни дека бираме од најдобрите кандидати. Тука не гледам никаков проблем. Со овој пример можеби сме една од ретките земји која има ваков можеби малку комплициран, но доволно силен заштитен механизам за да не заштити не толку од лица кои се претставници на политички партии, со оглед дека можеме да имаме кандидат кој е фаворит на некоја партија а кој можеби нема да го помине филтерот од страна на одборот. Немаме апсолутно веќе иста ситуација како досега. Да, ќе имаме луѓе кои можеби имаат партиска книшпка, но и луѓе кои немаат никаква политичка припадност, битно ќе бидат доволно компетентни, професионални и со личен интегритет за да ја извршуваат таа функција, рече Манчевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Мандатот на високите раководители е пет години, со можност на оние за кои во процесот на управување со учинокот ќе се утврди дека целосно ги оствариле работните цели и резултати да биде продолжен за уште три години.
Muchas gracias. ?Como puedo iniciar sesion?