Општина Штип, Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип и Центарот за развој на Источно – планскиот регион заеднички ќе аплицираат до Зелениот фонд на ФАО за намалување на емисијата на стакленички гасови. Документите за апликација на проектот вреден 10 милиони евра денеска ги потпишаа градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, ректорот на УГД-Штип, академик Блажо Боев и директорката на Центарот за развој на Источно планскиот регион, Драгица Здравева.
-Проектите се однесуваат во поглед на тоа да изврши замена на постојните инсталации во нашите објекти на Универзитетот „Гоце Делчев“, во поглед на греењето за да можеме да ја намалиме емисијата на штетните гасови, бидејќи нашите котли сега работат на нафта за греење, а идејата е да се заменат со котли за користење на гас, што ќе дојде во Штип, вели Боев.
Гградоначалникот Бочварски вели во апликацијата учествуваат вкупно 16 институции кои се лоцирани во градот Штип.
-Доколку успееме да ги добиеме овие средства од ФАО – организација на Обединетите нации, со седиште во Рим, а којшто веќе има објавено повик за аплицирање, настапуваме како една сериозна целина. Штип е голем центар во источниот дел и токму поради тоа покажуваме капацитетност и интерес да аплицираме и верувам дека ќе бидеме сериозен конкурент, вели Бочварски.
Појаснува дека целиот проект ќе изнесува 10 милиони евра, од кои половина милион евра ќе биде инвестиција на општината во изработка на проектна и техничка документација.
-Останатите 9,5 милиони евра се грант од ООН преку овој Фонд со цел да дојдеме до намалување на емисиите на штетни гасови. Ова се состои во неколку конретни мерки, а тоа се енергетски ефикасни фасади, потоа имаме фотоволтаици за нашите објекти, згради, замена на сите котли, коишто денеска се најчесто на нафта, а кои што по промената ќе бидат или на гас или на друг енергенс, рече Бочварски.
Директорката Здравева вели дека доколку се прифати апликацијата, Штип ќе биде првиот и единствен Зелен град во земјава.
-До 15 декември е потребно да се поднесе апликацијата, а после шест месеци наредната година ги очекуваме и првичните резултати, рече Здравева.