Шест општини од Источниот регион ја основаа Локалната акциона група „Брегалница“

Општините Кочани, Виница, Пробиштип, Македонска Каменица, Зрновци и Чешиново-Облешево станаа дел од Локалната акциона група „Брегалница“ која ќе работи на развој на руралните средини во подрачјето што ќе го покрива.

На основачкото собрание што попладнето се одржа во Локалната самоуправа на Зрновци беше речено дека иако групата е една од најбројните во Македонија, сепак ќе работи на рамномерно распределување на придобивките од стратегиите за развој, што е во согласност согласност со законските прописи, националните програми и програмите на ЕУ преку пристапот на ЛИДЕР.

– Главни области во руралниот развој на општините од нашата Локална акциона група ќе бидат искористувањето на природните богатства со компонента на одржливост, земјоделството, екологијата и туризмот. Очекуваме дека и покрај бројноста на општините што влегоа во ЛАГ-от, ќе имаме квалитетен пристап кон проектите, посебно што една од заложбите на европските фондови е да се работи на окрупнување и заедничко дејствување, рече Жаклина Паунова Ангелковиќ од иницијативниот одбор на Локалната акциона група “Брегалница“.

ЛАГ „Брегалница“ ќе биде правно лице помеѓу јавните институции, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата во шесте општини, а во најскоро време ќе се изготви заедничка стратегија за локален развој на руралните средини. Според правилникот ваквите групи можат да опфаќаат подрачја до 30.000 жители, па градот Кочани ќе биде исклучен, но ќе останат другите населени места во општината.

Основањето на ЛАГ „Брегалница“ е согласно повикот што го објави Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство за пријавување и воведување на регистар на т.н. ЛАГ-ови за локален развој на руралните средини.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *