Во рамките на одбележувањето на празникот Св. Климент Охридски и на Деновите на македонската култура во Србија, НИУ „Македонски информативни и издавачки центар“ од Панчево и Книжевното друштво од Раковица, во Галеријата на Центарот за култура во Раковица во Белград одржаа „Книжевната средба помеѓу македонските писатели од Србија и нивните пријатели – српските писатели“.
На средбата со читање и презентација на своите дела учествуваа академик Војислав Максимовиќ, академик Ристо Василевски, познатиот српски писател Радомир Андриќ, претседателот на Српското здружение на писатели Душко Новаковић, доктор Љиљана Стејиќ-Василевски, Љиљана Јањачковиќ позната по книгата „Македонија земја на добрите луѓе“, актерката Соња Жугиќ, м-р Јордан Ристиќ, д-р. Мичо Цвијетиќ, сликарката и поетеса Наташа Радосављевиќ, Милан Стојановиќ и познатиот гитарист проф. д-р Урош Дојчиновиќ.
Домаќини и модератори на српско-македонската „мултикултуралност која поврзува и гради мостови“ беа познатиот македонски писател, поет и директор на НИУМИЦ Виктор Шеќеровски и Никола Рајаковиќ од Центарот за култура во Раковица.
Традиционално чествување на празникот Св. Климент Охридски со пригодна програма одржа и Здружението „Македониум“ од Белград во Фондацијата „Бранислав Нушиќ“.