Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Државен студентски дом „Скопје“ – Скопје потпишаа Меморандум за соработка во временска рамка од три години со цел унапредување на едукативните, истражувачките и апликативните активности на институциите, а во корист на остварување на интересите и потребите на студентите кои престојуваат во домовите.
Како што соопшти Државниот студентски дом, меморандумот опфаќа работи од заеднички интерес, базирани на искористувањето на научно-стручните, професионалните, материјално-техничките и просторните услови на двете страни во полза на студентите и е во рамки на следните активности.
Има за цел збогатување на квалитетот на животот на студентите, со вложување за остварување на подобар студентски стандард; поврзување на бизнис заедницата со тековните проблеми од делокругот на работа на ДСД Скопје и иницирање на донаторски процедури, поврзани со збогатување на културно-забавни, спортско-рекреативни и други активности на студентите, се наведува во соопштението.
МАСИТ ќе овозможи поддршка на ДСД Скопје во насока на вмрежување на студентите преку своите проектни активности за дигитално описменување, со цел остварување на интересите и потребите на студентите кои студираат надвор од местото на живеење и ќе ја поддржуваат организацијата на научни собири и ќе работат на отварање на можности за заеднички проекти.
Како прва значајна активност во рамките на овој Меморандум за соработка е голема донаторска акција која МАСИТ и членките на комората ја организираат преку новогодишната забава, а тоа е донација на компјутерска и канцелариска опрема на студентскиот дом.