Неблагодарно е да се врзуваме за фиксни рокови во однос на донесување одлуки на Судот за сите предмети, вклучувајќи го и предметот за оценување на уставноста на Законот за дополнување на Законот за помилување. При донесување конечна одлука по овој предмет треба да бидат земени предвид одговорите од доносителот на оспорениот акт – Собранието на Република Северна Македонија и евентуално и на другите учесници во постапката, како на пример Владата на Република Северна Македонија, вели во интервју за МИА претседателотна Уставниот суд, Сали Мурати.
-Во однос на поведувањето на постапка за оценување на уставноста на Законот за дополнување на Законот за помилување, истата е во тек, односно во втора фаза. Тоа значи дека Судот со одлучувањето да поведе постапка изразил сомнеж во уставноста на оспорениот закон при што е потребно да се утврди текстот на решението за поведување постапка на седница на Судот во кој ќе се образложат причините поради кои Судот одлучил на овој начин, истакнува Мурати.
Ова решение, како што додава, се доставува задолжително на доносителот на оспорениот акт – Собранието на Република Северна Македонија и евентуално и на другите учесници во постапката, како на пример Владата на Република Северна Македонија.
– Нивните одговори треба да бидат доставени во определен рок по приемот и треба да бидат земени во предвид при носењето на конечната одлука. Оттука, неблагодарно е да се врзуваме за фиксни рокови, но сепак како што кажав и претходно во ова интервју, јас ќе се залагам сите предмети, вклучувајќи го и овој, почитувајќи ги сите деловнички одредби и рокови, да бидат решавани ажурно и благовремено, вели претседателот на Уставен.
Во однос на критиките кои во последно време беа упатени кон Судот, Мурати вели дека за нив се прифатливи сите правно аргументирани критики но, не и оние кои задираат длабоко во нивната самостојност и независност предвидена со Уставот и Деловникот на Уставниот суд.
Сали Мурати во интервјуто за МИА, кое е прво од неговото назначување за претседателот на Уставниот суд, меѓу другото говори за чекорите кои ќе ги преземе во народниот период, за тоа дали е потребен Закон за Уставен суд, за вработените во службата на Уставниот суд, како и за буџетската автономија на Судот.