Многумина, пред се млади и образовани лица, емигрираат или сонуваат да емигрираат од Балканот во други европски земји, феномен кој ги доведува во ризик балканските земји и кој бара итни одговори, оценува весникот „Осерваторио Балкани е Кауказо“ во анализа за состојбите со иселувањето од регионот.
Во делот посветен на земјава, весникот наведува дека речиси секоја вечер од Тетово заминуваат автобуси полни со локални жители кои се упатуваат кон Италија, Германија и Швајцарија – „топ дестинации за македонските мигранти“.
– Тага се гледа на лицата на луѓето, како резултат на големиот бран на мигранти кои заминуваат од Полошкиот регион. Северна Македонија, сепак, не е изолиран случај, бидејќи миграцијата ја отсликува мрачната иднина на Западниот Балкан. Масовната миграција претежно ја чинат квалификувани работници, особено лекари и здравствени работници, кои имаат најдобри шанси да најдат работа, наведува „Осерваторио Балкани е Кауказо“.
Експертката за миграција на берлинскиот Интеркултурен институт Вестенд, Живка Делева оценува дека главни причини што ги тераат луѓето да се иселуваат од западнобалканските земји се социјалната несигурност, лошите здравствени услуги, финансиската нестабилност, неможноста за градење кариера, клиентелизмот, но и дискриминацијата на ранливите групи, како етничките малцинства, жените и припадниците на ЛГБТ заедницата.
Весникот го посочува случајот на 38-годишнииот лекар специјалист по гинекологија и акушерство Бобан Ѓаков, кој во 2011 година го напуштил Скопје и се преселил во Словенија во потрага по „поголема финансиска стабилност“. – Тажно е и мизерно чувството кога државата вас како лекар ве фрла во вода како смет, вели Ѓаков.
Тој за „Осерваторио Балкани е Кауказо“ наведува дека за да се добие пристојна работа во земјава потребни се „јаки политички врски“.
– Јас плаќав за целото мое образование и потоа мојата почетничка плата во македонските болници беше пониска отколку онаа што ја земав кога работев како келнер, вели тој луто.
Весникот потсетува дека според податоците на Светската банка, речиси половина милион граѓани на Северна Македонија живеат во странство, што претставува 25 проценти од целокупното население.
Универзитетскиот професор Дејан Наковски, кој е експерт за миграции, во изјава за „Осерваторио Балкани е Кауказо“ изразува загриженост дека поради големата миграција некои сектори во земјава би можеле да станат дисфункционални.
– Миграцијата на медицинскиот персонал води до дисфункционалност на здравствената заштита, а миграцијата на општите работниците води до недостиг на работна сила во индустрискиот сектор, наведува Наковски.