Надлежните од манастирот „Свети Власиј“ во Драч, искажуваат огромна благодарност до скопската православна епархија при МПЦ – ОА „Свети Спас”, за хуманоста и солидарноста со настраданите од катастрофалниот земјотрес, што Албанија ја погоди на 26 ноември.
– Денеска, по вторпат, за неколку дена, двајца свештеници од Македонија и претставници од хуманитарната организација на скопската православна епархија при МПЦ- ОА „Свети Спас”, донесоа помош во храна и средства за одржување на хигиена, околу три тони (во вредност од околу 6.000 евра) која беше доставена во просториите на манастирот „Свети Власиј“. Тука во манастирот се сместени околу 170 лица погодени од земјотресот. Огромна благодарност. Благословена е раката на оној што дарува, стои во објавата на манастирот на која се постирани и фотографии.
Хуманитарната организација на скопската православна епархија при МПЦ- ОА „Свети Спас”, со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, хуманитарна помош за настраданите од катастрофалниот земјотрес во Драч, донира и на почетокот на месецов.
И тогаш и сега во манастирот биле пречекани од Високопреосвештениот митрополит на Аполонија и Фиер г. Никола, кој воедно е и декан на Теолошкиот факултет кој функцонира во рамки на манастирот и свештеникот на Албанска православна афтокефална црква отец Илија Мазнику, Македонец по потекло од Голо Брдо.
Од Хуманитарната организација на скопската православна епархија при МПЦ – ОА „Свети Спас”, пак искажуваат голема благодарност до компаниите и поединци кои се одѕвале на хуманитарната акција за помош и најавуваат дека продолжуваат со активности за собирање помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Албанија.