Во Струмица до крајот на годината ќе се отвори шелтер центар за згрижување и заштита на жртви на семејно насилство, најави денеска струмичкиот градоначалник Коста Јаневски.
При увидот во градежните работи на новиот центар Јаневски информира дека активностите се одвиваат според планираната динамика, а на јавниот повик за прибирање предлог проектна иницијатива за основање и почнување со работа на установата се јавило здружението на граѓани „Скај плус“ од Струмица.
-Тие обезбедија сопствено учество преку меморандуми за соработка со општествено одговорни компании и тоа 50 проценти учество од вкупната сума од општина Струмица во висина од 1.200.000 денари планирани во општинскиот буџет за 2019 година. Покрај финансиските средства, општина Струмица го обезбеди и просторот во кој ќе биде сместен шелтер центарот, кој ќе има капацитет од осум места, од кои две за итна интервенција и 24-часовно згрижување, информира градоначалникот Јаневски.
Шелтер центарот ќе биде комплекс од социјални услуги за лица жртви на семејно насилтво, жени и деца, кои ќе бидат сместени за период до шест месеци и ќе бидат насочени кон обезбедување на индивидуална поддршка, задоволување на секојдневни потреби и правно советување или социјално-психолошка помош, кога е потребна итна интервенција која ќе ја вршат тимови за мобилна кризна интервенција.