Националното одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост ќе биде одржано денеска во Владата на Република Северна Македонија.
Во рамки на настанот ќе се одржи и завршната конференција од проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија. Проектот е финансиран од Европската Унија.
На одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост ќе обратат премиерот Зоран Заев, евроамбасадорот Самуел Жбогар, како и министрите за труд и социјална политика Мила Царовска, за здравство Венко Филипче и за образование и наука Арбер Адеми. Обраќања ќе имаат и претставници на Националниот совет на инвалидските организации и на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, кое е организатор на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост.