Во Општина Градско денеска гостуваше Јапонската Амбсадорка во земјава, Кеико Ханеда која со својот домаќин градоначалникот Роберт Бешовски свечено го потпишаа договорот за доделување на грант вреден 42 илјади евра за набавка на специјализирано возило – трактор со додатна механизација за потребите на Општината.
Станува збор за Гранд програмата за мали проекти и човекова безбедност донација од јапонската Амбасада преку „Проект за подобрување на основните јавни услуги на Општина Градско“. Општина Градско го реализира во соработка со Центарот за развој на Вардарскиот плански регион со седиште во Велес и Јапонската Амбасада во Република Северна Македонија.
Заблогодарувајќи и се за донацијата на јапонската амбасадорка, градоначалникот Роберт Бешовски истакна дека грантот преку кој ќе се набави специјализираното возило ќе придонесе за подобрување на основните услуги на Општина Градско.
-Ќе се подобрат работите кои се неопходност на општината: при интервенции на канализациони и водоводни мрежи, одводни канали,транспорт на отпад, чистење на диви депонии и чистење на снег на улиците и локалните патишта, информира Бешовски .
Јапонската амбасадорка Кеико Ханеда истакна задоволство што овој проект ќе им помогне на граѓаните на Општина Градско да го подобрат квалитетот на секојдневниот живот.
Таа потсети дека оваа година се слават 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, а овој денешен настан во Општина Градско уште еднаш го слави пријателството и соработката меѓу двете земји.
-Утрово имав прекрасен разговор со градоначалникот Бешовски. Му кажав дека Градско е едно од моите омилени места. Археолошкиот локалитет Стоби и винариите привлекуваат Јапонци и други гости. Се договоривме да ги зајакнеме нашите врски и размени во иднина, потенцира амбасадорката Ханеда.