За пензија во доброволниот трет пензиски столб уплаќаат 24.900 лица

Во третиот пензиски столб каде се одвојуваат средства на доброволна основа заклучно со крајот на октомври годинава двата пензиски фонда – КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд и Сава пензија плус имаат околу 24.900 членови  и управуваат со околу 30 милиони евра на своето членство. Триглав доброволен пензиски фонд сé уште нема членови, покажува месечниот извештај на Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС).

Пред 10 години кога почнаа да работат доброволните пензиски фондови имаа 1.611 членови, во 2013 година бројот се зголеми на 18.525, за на крајот на минатата година во третиот пензиски столб да има 24.388 членови.

Членот, уплаќачот и осигурителот во доброволните фондови имаат право слободно да ги одредуваат висината на уплатениот износ и динамиката на уплатата, а промената на висината на уплатата, или прекинот на уплатата, не значат прекин на членството. Износите на доброволните придонеси ги определува осигурителот, за сите учесници во професионалната пензиска шема, која тој ја организира и ја финансира и ги определува како процент од платата или фиксен износ на членот кој е вклучен во професионалната пензиска шема.

Според податоците на МАПАС, на крајот на октомври годинава во вториот столб има над 505.000 членови чии уплати изнесуваат околу 1,2 милијарди евра. Притоа, КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд, управува со над 620 милиони евра на своите членови, Сава пензиски фонд- со околу 560 милиони евра, додека Триглав пензиски фонд, кој од годинава се вклучи во капитално финансираното пензиско осигурување – со околу 3,7 милиони евра.

Осигурениците кои задолжително членуваат во вториот столб веднаш по вработувањето времено се распределуваат од страна на ФПИОСМ во задолжителен пензиски фонд по случаен избор, со цел да се обезбеди оплодување на нивните средства од самиот почеток на членството во задолжителен пензиски фонд. Овие осигуреници имаат рок од три месеци од датумот на пристапување во задолжително пензиско осигурување да одберат во кој задолжителен пензиски фонд ќе членуваат. Доколу по истекот на тој рок не одлучат во кој фонд ќе членуваат, остануваат членови во задолжителниот пензиски фонд во кој биле времено распределени.

Со измените и дополнувања на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во 2019 година од бруто платата за идна пензија се издвојуваат 18,4 отсто како придонеси за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, со тоа што кај членовите во вториот столб, од овие средства 12,4 проценти одат во државниот пензиски фонд (ФПИОСМ), а шест отсто во некој од приватните задолжителни пензиски фондови.

Средствата со кои управуваат пензиските фондови се вложуваат со цел да се оствари принос за членовите, којшто директно се распределува на нивните индивидуални, доброволни индивидуални и/или професионални сметки. На овој начин пензиските друштва на идните пензионери им ги оплодуваат средствата со кои управуваат. Портфолијата на пензиските фондови се диверзифицирани и содржат државни обврзници, депозити, акции во домашни компании, удели во инвестициски фондови, акции во најпознатите светски компании и друго. На пример, преку инвестициите, членовите на пензиските фондови имаат сопственост во Алкалоид, Амазон, БМВ, Самсунг, ИБМ, Сименс, Нестле и многу други познати светски и домашни компании.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *