Најважно од сѐ е вистински да го слушнеме гласот на секое дете. Да им помогнеме, да ги поддржиме, бидејќи овие гласови се темелите врз кои треба да ги креираме идните политики. Заеднички да изградиме општество во кое нашите млади ќе сакаат да живеат, каде што ќе можат безбедно и среќно да растат, да се развиваат и да успеваат, истакна денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска која се обрати на вториот ден од Регионалната конференција „Проширување на акцијата за ставање крај на насилството врз децата во Западен Балкан” што се одржува во Скопје.
Министерката рече дека насилството е болест на едно општество, која се пренесува од генерација на генерација. Последиците од ваквото заболување, рече таа, се големи и видливи и оставаат траен белег.
– Искоренувањето на насилството од општеството бара посветена, континуирана и координирана работа, бара решителност и искрена желба за подобро утре. Да ги научиме децата од мали кои се нивните права, да научиме како да бидеме подобри родители, да ги поттикнеме заедниците да бидат поддршка наместо препрека, рече Царовска.
Таа потенцираше дека занемарувањето е најлошата форма на насилство врз децата, а со занемарување се соочуваат сите деца кои живеат и растат во институциите, додавајќи дека затоа започнале со реформа и деинституционализација.
– Денес со гордост можам да кажам дека нема веќе деца до три години во институција, а до крајот на годината сите деца до 18 години ќе бидат сместени во згрижувачки семејства или мали групни домови. Состојбата треба да се подобри и во градинките каде што децата ги имаат првите чекори во социјализацијата. Затоа, силно инвестираме во зголемување на капацитетите на градинките, но и во квалитетно предучилишно образование, рече Царовска.
Министерката на крајот од обраќањето ги повика сите институции, но и целото општество да воспостават систем што брзо ќе реагира и ќе го слушне гласот на секое дете.