Доделени становите во социјалната зграда во Кочани

Вкупно 43 семејства од социјално ранливите категории од Кочани ги добија становите во новата социјална зграда чиј инвеститор беше АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.

Објектот вреден околу 54 милиони денари е лоциран во месноста Драчевик и располага со 1.620 квадратни метри корисна површина, со два типа станови од 35 и 45 квадратни метри.

На примопредавањето на клучевите од новите станови присуствуваа градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев и директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Петар Шапе, при што беше најавена изградба на уште еден ваков објект.

– Свесни сме дека има уште граѓани во Кочани кои живеат во социјален ризик и сите оние што сега не добија стан не треба да очајуваат затоа што е почната постапката за изградба на уште една социјална зграда. Таа ќе располага со 34 станови и очекуваме градежните работи да почнат во текот на идната година, а би требало да биде завршена за околу една и пол година, истакна директорот Шапе.

Градоначалникот Илијев изрази подготвеност локалната самоуправа на Кочани да помогне со свое учество во изградбата на новата социјална зграда.

– Ние од наша страна ќе ја обезбедиме потребната инфраструктура и ќе го уредиме просторот за идната ламела број 3 од социјалната зграда, со што сакаме да им помогнеме на нашите сограѓани да добијат свој дом. Освен тоа, во непосредна близина ќе се изгради детска градинка и игралиште, што дополнително ќе придонесе за подобрување на условите во овој дел од градот, истакна градоначалникот Илијев.

Распределбата на становите во новата зграда во Кочани е по претходно објавен оглас, согласно Програмата за лица во социјален ризик, а ја направи стручна комисија од министерствата за труд и социјална политика и за транспорт и врски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *