Актерите на Охридскиот народен театар викендов премиерно ќе ја изведат претставата „Хотел ни на небо ни на земја“, работена според текст на Ерик Емануел Шмит, а во режија на Љупчо Ѓоргиевски.
Според режисерот, станува збор за претстава во која Шмит, кој важи за еден од најпознатите француски драмски текстописци, ја прикажува метафизичка неизвесност помеѓу сонот и стварноста, помеѓу комичното и трагичното, сето заради некаква потрага по смислата на постоењето и животот.
За Ѓоргиевски ова е прва соработка со Охридскиот театар што, како што вели, за секој режисер претставува провокација, задоволство и особена возбуда.
– Работата меѓу режисерот и актерите го доживувам како интимен чин бидејќи ние фигуративно речено се соголуваме едни со други и ги споделуваме своите мисли, ставови, знаења, па дури и незнаења, вели тој.
Во претставата учествува неколкучлена актерска екипа, составена од охридските глумци Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев, Елизабета Стефановска, Стефан Николиќ и Мила Коруновска, но и Ирена Илиеска од Скопје, на која ова и е прво гостување во некоја претстава на Охридскиот театар.
Претставата утре ќе се игра претпремиерно, со цена на билетите 200 денари, додека премиерата ќе биде в сабота, кога влезницата ќе се продава по цена од 250 денари.
Управата на Центарот за култура „Григор Прличев“ најави дека сите средства од продажбата на билетите ќе бидат наменети за настраданите во земјотресот во соседна Албанија.
Great write-up! Your analysis is spot-on. For those wanting to explore more, this link is helpful: FIND OUT MORE. What are your thoughts?