Сите економски индикатори се позитивни, а Северна Македонија е атрактивна за австриските инвеститори, е заклучокот од денешната средба на вицепремиерот Кочо Анѓушев со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија, Георг Вуцас.
Според Анѓушев, австриските инвестиции имаат големо значење за развој на енергетскиот, осигурителниот, банкарскиот и други сектори, а нашата бизнис клима е поволна за привлекување нови вложувања, особено во производствената дејност, како и за отворање откупни центри за преработка на земјоделски производи.
-Во изминатите 2,5 години се реализирани повеќе економски проекти за побрз и одржлив економски раст, пред се за поттикнување на технолошки развој и имплементирање на иновации во компаниите, за повисока продуктивност и конкурентност на компаниите на домашниот и странските пазари. Како резултат на напорната работа, сите економски индикатори бележат позитивни стапки на раст и споредбено повисоки во споредба со претходните периоди од 2,5 години. Статистката бележи стапки на раст на БДП од над три отсто во последните пет квартали, бројот на нововработени лица во минатите две и пол години е над 54.000, невработеноста се намали на рекордно ниски 17,5 отсто, просечните плати растат со побрза динамика, а индустриското производство и извозот растат со значителни стапки, рече Анѓушев.
Дополни и дека со Законот за финансиска поддршка на инвестициите и другите владини мерки се овозможува силна поддршка на стопанството, со што економскиот раст и развој се базира на работата на реалната економија, а не на проекти на Владата.
Вицепремиерот се заблагодари за постојаната поддршка од австриската Влада во процесот на евроатлантските интеграции на нашата земја, а заедно со австрискиот амбасадор Вуцас, се согласија дека местото на Северна Македонија е во ЕУ и НАТО, со што ќе се обезбеди дополнителна сигурност и побрз и одржлив економски раст.