Членството на Северна Македонија во НАТО е важно и од безбедносен, но и од политички аспект. Покрај осигурување на безбедна иднина и заедничко справување со модерните безбедносни закани, тоа значи и споделување заеднички вредности за чување на слободата, заедничкото наследство и цивилизацијата засновани на принципите на демократија, индивидуална слобода и владеење на правото, како и стабилни и демократски институции, порачаа претседателот Стево Пендаровски и американската амбасадорка во земјава Кејт Бернс.
Членството во НАТО за нас, рече Пендаровски предавањето на тема „Значењето од пристапот на Македонија во НАТО“ на Универзитетот Американ колеџ-Скопје е важно затоа што како мала држава со ограничени ресурси за одбрана и безбедност, потребно ни е да бидеме дел од систем на колективна безбедност.
-На пример членот 5 од Северноатлантскиот договор гласи дека доколку една земја членка е нападната одговор ќе следи од сите. Ова значи дека како идна членка на НАТО нашата безбедност се гарантира од сите земји членки на Алијансата, рече Пендаровски.
НАТО членството, додаде, и овозможува на нашата армија да биде дел од глобален систем за одбрана во блиски односи и соработка со армиите на нашите партнери. Но, како што потенцира, тоа не значи само безбедност и воена обука, туку и развој, нов пазар на труд и нов пазар за нашите компании. Исто така, пососчи, НАТО има многу програми за јавна дипломатија за истражување и развој во кој може да учествуваат студенти и граѓанскиот сектор.
-Членството во НАТО значи и споделување исти вредности, бидејќи договорот за членство вели дека членките се обврзуваат да ги чуваат слободата, заедничкото наследство и цивилизацијата на народите засновани на принципите на демократија, индивидуална слобода и владеење на правото, истакна претседателот.
Со членството во Алијансата, според него, нема да исчезнат сите безбедносни ризици, бидејќи живееме во динамичен свет каде безбедносните закани се асиметрични и не може секогаш да се предвидат. Најдобриот начин за справување со современите безбедносни закани, потенцира, е колективната безбедност, затоа што тогаш не сме сами туку имаме сојузници со кои можеме да ги здружиме ресурсите и заеднички да одговориме.
Американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Бернс вели членството во НАТО е огромно достигнување до кое не било лесно да се дојде. Но, потенцира таа, тоа ќе овозможи младите луѓе како што ќе го продолжуваат своето образование и ќе градат кариерара имаат можност да ги искористат поволностите што овој процес ги нуди и ги носи со себе. Една од предностите, рече, е осигурувањето на безбедноста.
Во тој контекст и таа како и Пендаровски го спомена членот 5 од Северноатлантскиот договор во кој нападот на една земја се смета како напад на целата Алијанса. Според неа, поволностите од овој член, САД ги почувствувале во септември 2011 кога сите сојузници застанаа зад земјата по страшните терористички напади.
-Различните видови закани со кои се соочуваме сега се екстремно комплицирани и се закани со кои ниедна земја не може да се соочи сама па дури ни САД. Ставањето на нашите можности и капацитети заедно во заедничка одбрана е единствениот начин на кој ќе бидеме подготвени и ќе можеме да успееме и да овозможиме безбедност за идните генерации, рече Бернс.
Користа од НАТО, смета и американската амбасадорка, не е само од воен, туку и од политички аспект и вредности кои, исто така, се многу важни.
-Тие ја вклучуваат важноста на демократските институции и цивилна контрола на воените сили, но и мерки кои овозможуваат транспарентност и зајакнување на институциите, рече Бернс.
Таа порача дека земјава треба да биде целосно подготвена за членство во Алијансата. Треба, потенцира Бернс, да биде подготвена армијата, институциите, се треба да е завршено за кога земјата стане членка на НАТО да нема прашање за придонесот на Северна Македонија во Алијансата, туку да биде доживеана како целосен и вреден член. Затоа, смета американската амбасадорка Бернс, Северна Македонија треба да се продолжи со реформите.