Ако се погледне целокупната слика, спречувањето на почетокот на пристапни разговори е дестабилизирачки фактор за Балканот, вели грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во интервјуто за италијанскиот весник „Кориере дела сера“ во пресрет на неговата денешна посета на Рим, одоговарајќи на прашањето дали стравува дека француското вето за Северна Македонија и Албанија, би можело да го дестабилизира Балканот, јави дописничката на МИА од Атина.
-Се плашам дека беше грешка. Ќе има притисоци врз Франција за повторно да размисли. Владата во Париз предлага план за одново разгледување на внатрешниот процес за интеграција и постојат некои валидни точки во она што го кажува Емануел Макрон. Но, ако се погледне целокупната слика, спречувањето на почетокот на пристапни разговори е дестабилизирачки фактор за Балканот, вели грчкиот премиер.
Мицотакис, денеска во Рим ќе се сретне со неговиот италијански колега, Џузепе Конте, а според грчки владини извори, една од темите за која што ќе разговараат ќе биде и европската перспектива на Западен Балкан и потребата процесот да остане жив.
Според истите извори, на средбата на двајцата премиери ќе стане збор и за гасоводите TAP и EastMed, а акцентот ќе биде посебно ставен на мигрантската/ бегалската криза и за координацијата што е потребна на европско ниво.
Конте и Мицотакис ќе разговараат и за билатералните односи меѓу Грција и Италија и за перспективата за нивно дополнително зајакнување, особено во економијата, трговијата и енергетиката и можноста за италијански инвестиции во Грција.