Земјава преку проектот „ТРАИНЕЕ“ ги прави подготовките за воведување на дигиталната алатка за моделирање на информациите за објектите – БИМ (Building Information Modelling“) во градежата индустрија со која се менува начинот на нејзиното работење. Алатката претставува платформа преку која на едно место интегрирано и целосно се следи планирањето, дизјанот изградбата и одржувањето на објектот.
Со воведувањетона БИМ се очекува за 10 отсто да се намали времето на градба, да се намалат трошоците за градба и одржување и да се добие зајакната конкурентност на градежната индустрија. При тоа ќе има помалку отпад, оптимално користење на енергијата, ефикасно користење на ресурсите и пристап до податоци за целиот животен век на градбата.
-Алатката на заинтересираните страни им овозможува целосно да ги следат карактеристиките на објектите за целиот временски период на користење, односно за целиот животен циклус на објектот, рече Ристо Иванов од Здружението на бизнис консултанти „Креација“ на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија.
Иванов нагласи дека од јануари идната година во Германија сите инфраструктурни и јавни работи треба да бидат планирани и градени со БИМ методологијата, во Ирска БИМ е задолжителен за било која работа во здравството, во Италија за сите јавни објекти во вредност над 100 милиони евра, а во Британија од 2017 година се применува во сите програми за социјално домување.
Посочи дека во февруари идната година во земјава ќе се одржи петдневна обука за БИМ за 50 учесници преку тренинг програмите изработени од БИМ Академијата од Барселона, а во март ќе има онлајн обука. Учесниците на обуките ќе добијат едногодишна бесплатна БИМ лиценца за работење и примена на стекнатото знаење, како и лиценциран софтвер за работа.
Во рамките на проектот, како што кажа Лихнида Стојановска Ѓоргиевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), досега се одржани четири работилници за БИМ преку кои се обучени и сертифицирани 49 архитекти за имплементација на мерките за енергетска ефикасност во процесот на изработка на проектите, како и 49 инженери и 24 техничари за користење на БИМ алатката кај обновливите извори за енергија, поточно за сончеви колектори и фотоволтаици.
Таа најави дека петтата работилница за промоција на информатичко моделирање на градби ќе се одржи на 3 декември во ФЕИТ, а шестата на 4 декември во ЈПДП која ќе биде наменета за примена на БИМ во големи инфраструктурни објекти.
Проекот „ТРАИНЕЕ“, што го спроведуваат Стопанската комора и ФЕИТ со поддршка од Креација, треба да заврши на крајот на октомври идната година. На лицата што ги завршиле обуките во рамките на проектот им се доделуваат бесплатни сертификати во согласност со Законот за образование на возрасни. По завршувањето на проектот обуките ќе се спроведуваат преку Центарот за менаџирање со знаење кој ќе биде акредитиран за доделување сертификати согласно системот за образование на возрасни .