Започнува постапката за изработка на нов ГУП на Град Скопје 2022-2032

На дневниот ред на седница на Советот на Град Скопје, закажана за в среда, ставена е и точка за усвојување на Предлог-одлука за пристапување кон изработка на Генерален урбанистички план (ГУП) на Град Скопје за периодот од 2022 до 2032 година, со чие усвојување и формално ќе почне процедурата за изработка на новиот ГУП.

Како што соопшти Град Скопје, Изработката на Генералниот урбанистички план ќе се изврши на начин и постапка утврдени со законската и подзаконската регулатива која се однесува на урбанистичкото планирање.

– Изработката на ГУП-от на Град Скопје ќе се изврши врз основа на сеопфатни, целосни и суштински анализи и процени на постојната состојба на терен и постојната планска документација и ќе претставува нова стратегија – визија за идниот просторен развој на градот. Генералниот урбанистички план на Скопје е стратешки развоен план со општи елементи на просторниот развој во текот на една деценија. Се донесува во услови на творечки процес на планирање и со учество на сите субјекти и институции на територијата на опфатот. Планот ги дефинира основните наменски употреби на површините, ги претставува главните насоки на развојот и ја регулира примарната инфраструктура, се наведува во соопштението.

Во подготовката на новиот ГУП 2022-2032 година во рамките на предвидените процедури освен поддршката од Министерството за транспорт и врски како ресорно министерство, ќе биде вклучен и поширок круг на стручни лица од различни области, невладиниот сектор, академската заедница, како и граѓаните, директно или преку единиците на локалната самоуправа.

– Од позиција на градоначалник моите заложби се однесуваат на рационално, контролирано и флексибилно ширење на Скопје во насока на обезбедување одржлив развој; визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура, како основен елемент во просторната комуникација; соодветно планирање на комуналната инфраструктура, посебно од аспект на инфраструктурата за прифаќање, селектирање, рециклирање и депонирање на цврст и друг отпад; како и реконструкција на изградените простори и блокови во простори со повисок комунален и амбиентален стандард, изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов, на последната работна средба со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, која се одржа во текот на месец октомври годинава.

Шилегов нагласи дека во неговата визија Скопје го гледа како зелен град со многу внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди одржлива урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедувањето чиста и здрава животна средина.

– Согласно со заложбите на градоначалникот Шилегов, Градот Скопје треба да се развива и шири на начин што ќе се релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел на градот. Во текот на изработката на новиот ГУП ќе бидат разгледани можностите за отстранување на некои недостатоци од постојната планска документација. Со тоа се отвора можност да се разгледа потребата од постоењето на таканаречената јужна обиколница која постои во актуелната планска документација, а според мислењето на стручната јавност, е спротивна на принципите за заштита на животната средина имајќи предвид дека за нејзината изведба потребно е да се уништи дел од Водно, се додава во соопштението.

Градските власти нагласуваат дека новиот ГУП треба да биде изработен на начин што ќе обезбеди гаранција дека се сериозно лимитирани можностите за пропусти при носењето на деталните урбанистички планови и другата планска документација од понизок ранг, со што ќе се отворат можности за обезбедување на услови да се продолжи со деталното планирање на градот кои ќе влијаат врз унапредувањето на квалитетот на животот на жителите на Скопје.

– До донесувањето на нов Генерален урбанистички план на Град Скопје, ќе се применува постојниот „Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022“, се наведува во соопштението.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *