Општина Кочани ја почна првата фаза од изградбата и асфалтирањето на улицата „Енгелсова“, која го поврзува градот со населбата Оризари како најкратка и најстара сообраќајна врска.
Во оваа фаза се работи на потег од половина километар, каде претходно беа извршени подготвителни работи со поставување водовод, канализација и рабници. Компанијата „Стоименов“, која е изведувач на градежните работи поставува асфалтен слој од 11 сантиметри во широчина од пет метри.
– Задоволни сме што конечно се асфалтира улицата „Енгелсова“, која месното население ја нарекува Пазарски пат и е патна врска што со векови ги спојува Кочани и Оризари. Со тоа се скратува времето на патување до Кочани, а ќе се избегне користењето на влезниот булевар во Кочани, што е многу прометна сообраќакјница, истакна претседателот на Месната заедница од Оризари, Јордан Гацов.
Средствата за асфалтирање на „Енгелсова“ и на улицата „Мишо Арсов“ кон месноста Пресечена Скала, се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, која одобри финансиска поддршка во износ од 20 милиони денари за поврзување на селата Оризари и Гратче со Кочани.
– Благодарение на поволните временски услови, на терен се одвиваат планираните градежни активности, па покрај асфалтирањето на „Енгелсова“, се работи и на улицата „Мишо Арсов“, која излегува на главниот пат до селото Гратче, во должина од 1,5 километар. Ова е уште еден чекор што ќе придонесе за подобрување на квалитетот на животот во руралните средини, истакна градоначалникот на Кочани Николчо Илијев.
Реализацијата на овие проекти е овозможена со мерката Развој на јавната инфраструктура во рурални средини преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.
What an insightful and engaging read! The author did a great job. I’m curious about others’ thoughts on this topic. Click on my nickname for more interesting content.