Клучно во новата методологија што ја презентира Франција е што се работи за процес што има за крајна цел – членство. Документот ја дава само рамката како треба да изгледа новиот пристап во процесот на проширување, но не и динамиката, а се очекува тоа да го допрециизра Европската комисија.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера по средбата со францускиот амбасадор Кристиан Тимоние истакна дека негов прв впечаток од нон-пејперот од Франција во врска со новата методологија за преговори со ЕУ е дека процесот се раздвижува и дека очекува многу бргу усвојување на методологијата, а и одлука за започнување преговори.
Тој наведе седум позитивни работи – тоа што нон-пејперот доаѓа бргу по октомврискиот самит затоа што нема запирање во процесот на преговори, туку динамиката веднаш се раздвижува, како и тоа дека во моментот кога го добиле земјите членки, го добила и нашата земја за евентуално да учествува пред негово финализирање.
-Второ, претседателот Макрон јасно укажува дека нема алтернатива од полноправното членство во ЕУ. Односно дека крајната цел е полноправно членство. Така што, сите дебати за некакви алтернативи и други форми на приклучување се надвор од дебата, истакна Османи.
Новата методологија, додаде, предвидува вклучување во кохезиска политика и во структурни фондови пред самото членство, што сега го имаат само земјите членки, како и постриктен мониторинг во доброто владеење преку редовните извештаи, што е вели, најдобар начин да ги држи владите фокусирани и побрзо да го спроведат процесот на хармонизирање. Ја издвои и реверзибилноста на процесот како можен позитивен стимулс во одржување на фокусот и во забрзување на процесот.
-Патоказите кои се индивидуални и се детални за секоја земја, исто така, може да бидат важни за одржување фокус и за побрзо хармонизирање. Методологијата предвидува и учество во телата на Советот уште пред членството што може да нè подготви за самото членство, истакна Османи.
На прашање дали новата методологија, особено предлозите за реверзибилност и пристапот до структурните фондови, ќе го забави темпото и може да ја држи земјава долго во процесот на преговори, Османи кажа дека не смета дека со оваа методологија може да зборуваме дали ќе се скрати или ќе се продолжи процесот.
-Методологијата допрва треба да се дефинира. Советот ќе ја задолжи Комисијата да ја разработи неа и да направи подетален план и начин на функционирање. Така што, тогаш ќе знаеме подобро дали ќе се одрази во забрзување или во евентуално забавување. Во оваа методологија се дава само рамката како треба да изгледа новиот пристап, но не и динамиката, рече Османи.
И министерот за надворешни работи за нон-пејперот на Франција за новата методологија на преговарање вели дека се уште е предмет на подетални анализи, но клучно е што станува збор за процес што има крајна цел – членство, и оти немаме што да изгубиме ако има повеќе стриктност во процесот.
– Исто така е клучно, и тоа е наведено во овој нон-пејпер, што се работи за процес што има крајна цел – членство. Тоа е повторено на неколку места во нон-пејперот. Ние би сакале да имаме услови за рамноправен натпревар со сите земји од нашиот регион од Западниот Балкан и мислам дека е важно процесот на пристапување, каков и да биде, да овозможи една олимпијада на реформи, оцени Димитров.
Во врска со структурните фондови, тој посочи дека е повеќе прашање за земјите членки и интересна е идејата граѓаните да имаат побрзо повидливи бенефити од реформите, наспроти процес којшто има постојано реформи со бенефити само на крајот на тој процес.
Шведската министерка за надворешни работи Ан Линде, за истото прашање посочи дека се уште не го анализирале целосно францускиот нон-пејпер.
– Нашиот став е дека би сакале да видиме реформирање на начинот на којшто се одвива процесот на пристапување. Ја поздравуваме ваквата дискусија, но не сум подготвена да кажам нешто во однос на францускиот документ подетално, истакна шефицата на шведската дипломатија на заедничката прес-конференција со Димитров.
Францускиот амбасадор Тимоние изјави дека со самото тоа што документот е презентиран во исто време како и за земјите членки, е со намера да се покаже дека ја сметаат нашата земја за партнер.
-Првичната проценка, а сметам дека ќе има уште забелешки, многу добро демонстрира дека не сме во драматична ситуација, туку сме во една ситуација во која чекориме заедно за Северна Македонија да се интегрира во реобновената Европска Унија. Тоа беше кажано од Макрон уште од почетокот – не гледаме друга алтернатива освен интеграција на Западен Балкан. Таа можност треба да биде вистински овозможена, не само да се даде датум и да се добие резултат за 20-30 години. Сакаме нешто што е функционално, изјави Тимоние.
Додаде дека иако имало многу различни ставови во врска од одлуката во октомври во Брисел, речиси сите биле согласни за потребата од промена на методологијата за да се обезбеди поголема функционалност.
-Првичната реакција е позитивна и се надевам дека ако ваквото позитивно расположение надвладее кај земјите членки, можеме да продолжиме многу бргу. Би сакале работите да бидат решени на почетокот на 2020 за да бидеме подготвени за самитот во Загреб, бидејќи тоа е рокот кој си го поставивме. Сега почнавме да разговараме за методологијата. Треба да работиме на тоа, додаде Тимоние.
Great read! The clarity and depth of your explanation are commendable. For further reading, here’s a useful resource: EXPLORE FURTHER. Let’s discuss!