ИЗРАЗ НА ЉУБОВ НА БЛИЗНАКОВ КОН ДЕМОКРАТСКА МАКЕДОНИЈА
Среќата е како палата од бајките
која е чувана од змејови.
Мораме да се бориме
за да ја освоиме.
Александар Дима
По посетата на Македонија во 1968 година Атанас Близнаков испрати писмо и до весникот ,,Нова Македонија”, објавено под наслов ,,Меѓу чесните Македонци нема место за лаги и фалсификати”, во кое, меѓу другото, се вели:
,,Поминаа неколку месеци откако се разделив од моите блиски, пријатели и познати; откако се разделив од македонскиот народ, неколку месеци откако ја напуштив нашата мила татковина, слободна Македонија.
Роден сум во југозападниот костурски крај, но јас отидов и бев пречекан во слободна Македонија. Само слободна Македонија ги пречекува македонските иселеници што доаѓаат во Народна Република Македонија, таа ги пречекува македонските иселеници онака како што мајката ги пречекува своите мили чеда.
Македонскиот народ од Вардарска Македонија ги стави основите на македонската Народна Република, на Републиката за која се бореа македонските национални движења внатре во Македонија.
За овие скапи цели и идеали се бореше и Македонско-американскиот народен сојуз во Америка, дотогаш, до кога некои од раководителите на Сојузот не отидоа во Бугарија, и сега, за своите лични интереси станаа слуги на бугарските национални аспирации и интереси.
Секој прогресивен и чесен Македонец во Америка знае што се пишуваше во ,,Народна волја”, органот на Македонскиот народен сојуз во Америка, какви резолуции се донесуваа на конгресите на МАНС, а особено по 1944 година кога сите се радувавме што македонскиот народ од слободниот дел на Македонија, т.е. Вардарска Македонија, го извојува своето национално, социјално и политичко право да зборува на својот македонски мајчин јазик, да се радува и да ја развива својата национална историја и култура.
Во борбата против балканските и германските фашисти, македонскиот народ и народностите од Вардарска Македонија, под окрвавеното знаме на Крушевската Македонска Република, македонски борци, во заедница со прогресивните југословенски народи, ја извојуваа својата национална, политичка и социјална слобода, со широки национални и политички права за Македонците и за сите народности во Македонија, и ги поставија основите на македонската народна Република, за која се бореа и илинденските борци, за македонската република за која се бореше Гоце Делчев, Никола Карев, Лазар Поп Трајков, Питу Гули и многу други македонски борци.
Но, ќе дојде денот кога и народот од Егејска и Пиринска Македонија ќе зе здобие со правото да се самоопредели во рамките на балканското единство, за слобода, братство и мир меѓу сите балкански народи.
Затоа нема и не може да има вистинско пријателство и мир меѓу балканските народи, додека праведно не се реши македонското национално прашање, а за да се реши праведно, балканските државници треба да се откажат од асспирациите кон Македонија, да ги отфрлат сегашните големобугарски и големогрчки фалсификувани истории за македонското национално прашање.
Голема историска неправда е да се одречува народ, кој ја создаде азбуката и ги стави темелите на историјата и културата на сите словенските народи, и таа наука, историјата и културата ги зачува словенските народи од претопување и обезличување!
Јас верувам дека е долг на секој Македонец, а особено на нас постарите, што долго време сме биле во македонските национални и политички движења, што знаеме зошто станува антимакедонската кампања, да напишеме нешто за македонското национално прашање и да дадеме објаснување од каде и зошто се појавуват тие пропаганди”, вели во писмото Близнаков.
Слично или идентично писмо од Атанас Близнаков е објавено во списанието ,,Македонија” во бројот 194 од јуни 1969 година.
Желбата на Атанас и Славка Близнакови да дојдат постојано да живеат во слободниот дел на Македонија им се исполни во 1976 година. По поголем број преписки и договори со Матицата на иселениците од Македонија, со Ректоратот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” и со други институции и поединци, тие пристигнаа во Скопје, каде што срдечно и топло беа пречекани.
Организирањето на нивниот престој, сместувањето воопшто на нивниот живот беше, пред сé, на Матицата и на Ректоратот. Најпрвин беа сместени во зградата на Ректоратот, потоа во Карпош IV во кула 14 (една од убавиците како што луѓето ги викаат тие неколку згради), во I влез, I кат, стан бр. 3, трисобен стан чија површина беше 82 м2 на ул. ,,Вич” бр. 24/3 Карпош ИВ.
Всушност, станот во Карпош му беше доделен на Атанас Близнаков на 15.ВИИ.1977 година од Комисијата за распределба на станови со кои располагаше Извршниот совет на Собранието на СРМ.
Во 1979 година Атанас го доби станот на ул. ,,Орце Николов” бр. 75 ИИ влез, исто така од Извршниот совет на СРМ. Таму остана да живее сé до крајот на својот живот, таму престана да чука неговото благородно срце. Овој стан е сопственост на Атанас (купен со заробени средства), а како наследство на неговата внука Нуша Пачкова која го гледаше и се грижеше за него и за тетка Славка до последен момент.
Во овој стан на Собирот на станарите, 1978 година Атанас Близнаков, заедно со уште еден станар, беше избран за член на Куќниот совет.
Исто така, по доаѓањето во Македонија, Атанас наоѓаше слободно време да учествува во активностите на Матицата на иселениците од Македонија, во Институтот за национална историја и во други институции. Меѓутоа, Д’мбени му беше втора љубов. Затоа беше активен во Иницијативниот одбор на Д’мбенската средба, која од првото одржување наиде на широк одек кај д’мбенци.
Д’мбенската средба што се одржа на 27 мај 1979 година остави трајни белези кај Атанас Близнаков. Затоа, како член на Иницијативниот одбор тој напиша пригоден текст во списанието на Матицата ,,Македонија” под наслов ,,Повелете на Д’мбенската средба, во кој, покрај другото, вели:
,,На 27 мај о.г. во Сарај крај Скопје ќе се одржи традиционалниот д’мбенски празник. Д’мбенскиот иницијативен одбор за одбележување на традиционалниот д’мбенски празник, ги поканува сите д’мбенци од Скопје, од цела Социјалистичка Република Македонија, од цела Југославија, како и оние кои живеат надвор од границите на СФРЈ, во соседна Бугарија, Грција, САД, Канада, Австралија и во сите места на земјината топка, да присуствуваат на нашата Д’мбенска традиционална средба, во недела на 27 мај 1979 година, која ќе се одржи на излетничкото место Сарај крај Скопје со почеток во 9 часот претпладне.
Ќе биде големо задоволство и радост да се сретнеме сите д’мбенци, да се видиме, да се повеселиме, тој ден да го поминеме заеднички. Ќе има и народен оркестар што ќе свири убави македонски песни и ора.
Не е случајно што го избравме 27 мај за традиционален ден на Д’мбенската средба. Тој ден ние д’мбенци го празнуваме како празник, зашто тој ден има историско значење не само за д’мбенци туку и за целиот македонски народ. На тој ден ние си спомнуваме за херојските и епични борби што ги водеа нашите татковци и дедовци на Д’мбенската планина на врвовите Локвата и Вињари, во деновите пред славното Илинденско востание.
Со одбележувањето на таа историска дата, ние истовремено, им оддаваме почит на борците д’мбенци и од цело Костурско, кои со пушка в рака, борејќи се против непријателите на нашиот народ, го дадоа и својот живот за слободата на Македонија.
Драги д’мбенци, на сите ќе ни е драго и овојпат да се собереме сите како едно семејство какви што бевме и во родното село Д’мбени. Ќе обновиме спомени од некогашниот живот во нашето село, каде што голем број од нас постарите тука првпат се израдувавме на сончевите зраци, си игравме на пространите зелени ливади, каде што растевме меѓу нашите најмили – татковци и мајки, меѓу другари и другарки, таму каде што поминавме и радосни и тажни моменти, каде што ја развивавме нашата скромна и непроценливо вредна народна култура.
Нашите традиционални средби ќе ни овозможат да ги зачуваме нашите народни обичаи, нашите празнувања и славења, што треба да се пренесат на младите генерации, зашто секогаш бил присутен обидот да се уништат нашите македонски традиции и обичаи, да се ликвидира нашата македонска народна култура, која живее повеќе од илјада години и се пренесува од поколение на поколение”, ќе напише Атанас Близнаков.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН
What an engaging read! The author did a great job breaking down complex ideas. It would be interesting to dive deeper into this topic. Looking forward to hearing everyone’s thoughts. Click on my nickname for more engaging content!