Спасувањето на војводата Тодор Видинов од Крстоар во четата на Ѓорѓи Сугарев

СПАСУВАЊЕТО НА ВОЈВОДАТА ТОДОР ВИДИНОВ ОД КРСТОАР ВО ЧЕТАТА НА ЃОРЃИ СУГАРЕВ

Во пишаните материјали за големиот македонски револуционер, војводата Ѓорѓи Сугарев стои дека тој бил  истакнат член на Битолскиот револуционерен округ на Македонската револуционерна организација

Тој е роден во Битола во 1876 година, во семејство од крајно сиромашни родители. Неговите браќата Христо, Вангел и Михаил емигрираат во Соединетите Американски Држави и активно учествуваат во работата на Македонската патриотска организација. Вангел таму станал историчар и автор на неколку книги.

Преживеаната мизерија во Ѓорѓи родила омраза спрема несправедливоста и нееднаквоста. Уште во детските години тој ја почувствувал омразата кон турскиот аскер, а во младинските години таа добила сè поголеми размери. Поради големите семејни оскудации Сугарев не успеал да заврши IV клас во Битолската бугарска егзархиска гимназија. Поради тоа, тој ја напуштил гимназијата и ѝ се оддал на учителската кариера, преку којашто успеал да го прави тоа што најмногу му лежело на срце. Тој учителствувал во градот Битола, Битолската и Кичевската околија.

Во 1901 година, незадоволен од легалната дејност, Сугарев станал четник во Демирхисарската чета на војводата Никола Русински. Истата година тој бил избран за член на раководното тело на Битолскиот револуционерен округ, и за да може да ја исполнува дадената организациска должност, тој повторно станал учител во Битола. Но бучниот град и арогантните чорбаџии создале презир кај Сугарев. Градскиот живот не го задоволувал неговиот борбен карактер. Тој ја напуштил Битола и со неколкумина другари започнал нелегална дејност во Битолската околија. Тој го јакнел револуционерното сознание сред своите четници и, според тоа, мнозина од нив станале војводи. Сугарев отишол секаде каде што се чувствувала потреба од неговата организаторска вештина.

Кога се пишува за револуционерното минато на македонскиот народ, една од епизодите е сведоштвото за загинувањето на војводата Ѓорѓи Сугарев, за кое, меѓу другото, е забележано дека се случилово селото Паралово, Битолско,околу Благовец кога манастирскатакамбана почналасилно дабие. Селаните мислеле дека бие во чест на големиот верски празник Благовец. Нивната камбана во селото Врањевци биела за да одат жителите од селото в црква. Ама тој глас на манастирската камбана биел некако поинаку.

GS2

Македонски револуционери

Сигурно тие што живееле во манастирот ја насетиле опасноста од борбата и давале знак за тревога. И, кога ги слушнале силните зачестени пукотници горе во манастирската корија, си помислиле дека се води некоја борба со турскиот аскер, ама не знаеле дека е Ѓорѓи Сугарев со четата, и дека тој заминал во друг правец кон селото Гнилеж.

Со голема потера зад себе, која, всушност, била аскерот стациониран во селото Скочивир, како дел од леринскиот аскер, известен и активиран, најверојатно, на истиот начин како и башибозукот од селото Долно Ореово, четата возвраќајќи со стрелба брзала по угорнината. Но, само што излегле под Чукарите, од север, од блиската спротивна падина, неочекувано ги пречекал плотун од аскерот во чиј состав бил башибозукот.

Всушност, тоа било дел од Битолскиот авџи табор, специјална воена единица за борба против револуционерните чети. Не можејќи да свртат на североисток преку Чукарите, по голата падина на Страиште кон селото Грумази, каде што ќе биле гола мета на Леринскиот аскер, четата со борба почнала да ја напушта голата западна падина на Страиште под Чукарите, залегнувајќи под голиот рид во грмушките, од каде што продолжила да се брани.

Меѓутоа, соединетиот аскер го затворил обрачот од југоисток и североисток и почнал да ја притиска четата надолу низ Леската. Тогаш стапил на сцена башибозукот, односно Албанците од Долно Ореово поставени во густите заседи на блиската северозападна страна, односно присојната падина викана Невестата. Позицијата на четата станала смртоносна и комитите почнале да ѓинат еден по еден. Немајќи друг излез војводата Сугарев наредил преживеаниот дел од четата да почне со повлекување надолу кон манастирот, кон долот Пиоќ, а потоа низ шумата да сврти на југ кон Лингов Аргач.

GS3

Манастирот во Паралово

Свесен за безизлезната ситуација, а сакајќи, сепак да ѝ помогне на четата, војводата Сугарев го извршил познатиот јуначки саможртвен чин: останувајќи сам, легнат зад една грмушка и стрелајќи кон аскерите што настапувале, се обидел да им обезбеди евентуална спасоносна отстапница на своите комити.

Но тогаш се случил најстрашниот чин над местото викано Затворена Вода, веднаш над манастирот каде што загинал речиси целиот останат дел од четата, ликвидиран од заседата поставена кај спротивната блиска карпа позната како Гулабарникот! Само еден борец од четата успеал да се спаси, тоа бил Тодор од селото Крстоар, Битолско. Тој, всушност, бил дедото на Борис Видиновски, за што тој постојано го споменува и се гордее со неговото дело.

За тоа време војводата Сугарев ја водел својата последна борба, убивајќи доста аскери. Жителите од селото Паралово, слушајќи ги блиските пукотници, се искачиле по стрмното патче, избивајќи на главниот пат, северозападно од манастирот, таму каде што сега е споменикот на Ѓорѓи Сугарев. Но наеднаш престанал гласот од малихерата на војводата, а потоа и истрелите на потерите.

Станало јасно дека војводата останал без муниција, а собраните селани ги слушале гласовите на Турците кои му викале на Сугарев да се предаде, на што тој со пцости им одговарал дека жив нема да го фатат. Потоа се слушнал само еден истрел, по што завладеала злокобна тишина. Тоа бил последниот куршум од нагантот на војводата со кој тој заминал во бесмртноста. Крвавиот и нерамноправен бој, кој со тоа завршил, траел околу три часа.

GS4

Рада и Борче пред споменплочата

Така, од оваа битка на Ѓорѓи Сугарев жив останал само Тодор Видинов, дедото на Борис (Борче) Видиновски. Како доказ за неговото учество во борбите со Ѓорѓи Сугарев, неговото име стои на плочата во манастирот.

Неговиот внук Борис пренесува дека неговиот дедо војводата Тодор Видинов бил активно вклучен во револуционерниот илинденски период на Македонија. Со своите дела и живот посветен на македонското ослободително движење се издигнува на едно  вистинско скромно македонско рамниште.

Војводата Тодор целосно и доследно и служел на македонската кауза. Тој претставувал еден неуморен работник, семеен и искрен човек, со силен револуционерен дух и бил поврзан со напредните соселани од Крстоар и од Битолскиот округ кои се бореле за идеалите на ВМРО за македонското ослобдително дело и за подобра иднина на македонскиот христијански народ и за Македонија,

Затоа, војводата Тодор Видинов оставил простор за да се гордее неговото семејство, а тој да биде една од личностите која направила неизбришлива трага на создавањето и развојот на своето село, за македонските револуционерни активности и вредности како Македонец кој ја сакал слободата на својот народ и неговата поробена татковина – Македонија.

Продолжува

 B3

Пишува: СЛАВЕ КАТИН     

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *