Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новите амбасадори на Латвија, Луксембург и Ирска

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Летонија, на Луксембург и на Ирска.

Како што соопшти кабинетот на претседателот, на средбата со Гунта Пасторе, новоименуван летонски амбасадор во Северна Македонија, претседателот Пендаровски рече дека двете земји во континуитет градат пријателски и партнерски односи бележејќи позитивен тренд во развојот на соработката во повеќе сфери од општественото живеење.

– Претседателот Пендаровски истакна дека високо ја цени конзистентната поддршка од пријателска Летонија за интеграција на земјите од регионот на Југоисточна Европа во европските структури, а во тие рамки и на Република Северна Македонија изразувајќи благодарност за брзата ратификација на пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО од страна на летонскиот Парламент, се наведува во соопштението.

Амбасадорот Пасторе, се додава, оцени дека двете земји негуваат пријателски односи кои се карактеризираат со меѓусебна почит и разбирање нагласувајќи дека постои голем потенцијал за развој и зголемување на соработката во повеќе области од заеднички интерес за двете земји.

Истакнувајќи дека дипломатските односи меѓу Луксембург и Северна Македонија влегоа во третата деценија од нивното воспоставување, на средбата со амбасадорот Филип Донкел, претседателот Пендаровски оцени дека во изминатиов период двете земји изградија пријателски и партнерски односи.

Претседателот Пендаровски, како што се посочува, изрази уверување дека, во периодот што следи, ќе бидат отворени нови поглавја во односите на нашата земја со НАТО преку ефектуирање на нашето членство во Алијансата, како и преку започнување на преговорите за наше полноправно членство во Европската унија.

Амбасадорот Донкел ја истакна целосната поддршка на Луксембург за перспективата за европска интеграција за сите земји од Западен Балкан додавајќи дека негова заложба ќе биде и давањето придонес за зајакнување на одличните односи меѓу двете земји и нивно интензивирање во политичката, економската и културната сфера.

На средбата со Пол Мекгери, новоименуван амбасадор на Ирска во Република Северна Македонија, беше оценето дека двете земји повеќе од две децении градат одлични пријателски и партнерски односи и дека постои можност за понатамошно продлабочување на соработката и меѓусебната комуникација.

Претседателот Пендаровски, се наведува, се заблагодари за континуираната и недвосмислена поддршка која Ирска и ја дава на европската интеграција на нашата држава.

Амбасадорот Мекгери истакна дека Ирска го дели верувањето дека перспективата за европска интеграција е моќен агент за унапредување на стабилноста во Република Северна Македонија и пошироко во регионот изразувајќи увереност дека неговата земја ќе продолжи и понатаму со силната поддршка за патот на нашата земја во евроатлантските структури.

Претседателот Пендаровски на новоименуваните амбасадори им посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција, се наведува во соопштението.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *