„Витаминка“ донираше возило за Прилепската противпожарна единица

Прилепската противпожарна единица денеска како донација доби ново противпожарно возило од комапнијата „Витаминка“ со што ќе се подобрат условите за работа на единицата и ќе се подобри ефикасноста на нејзините интервенции.

Според градоначалникот Илија Јованоски, ова е многу битно за единицата и за граѓаните, но е и покажување голема општествена одговорност од страна на „Витаминка“.

– Оваа донација ќе ги подобри условите за работа на единицата на која секогаш и е неопходна нова опрема. Има најави наскоро единицата да добие ново противпожарно возило. Единицата ќе има многу подобри услови за интервенции, особено ако се знае дека оваа година имавме повеќе од 300 ридско-планински пожари што е застрашувачко. Затоа упатувам благодарност до компанијата и ова нека биде поттик за другите стопанственици, изјави Јованоски.

Ова е прва донација на „Витаминка“ во противпожарната единица и се најавува дека за една недела ќе донира второт, таканаречено, навално возило. Како што објаснува Симон Наумоски, претседател на Управниот одбор на компанијата, ваквата донација е повеќе од потребна ако се знае дека има голема опасност од климатските промени.

-Поради големата емисија на штетни гасови во атмосферата, воопшто на глобално ниво ни претстои период на раст на просечната температура. Токму затоа во иднина ќе се зголемуваат и потребите за заштита на природата и ќе има се поизразена потреба да се вложува во вакви средства. Доколку го сфатиме тоа доволно сериозно и се подготвуваме навреме, ќе ги намалиме последиците од емисиите на јаглерод диоксид и од зголемувањето на просечната температура на воздухот. Овие вложувања се неопходни и потребно е нивно интензивирање, како и преземање многу други мерки за навремено да реагираме и да ги намалиме штетните ефекти, изјави Наумоски.

За командирот на Прилепската противпожарна единица, Виктор Стојчески, обновувањето на застарениот возен парк е неопходно. – Со ова возило го збогатуваме и го подновуваме ионака застарениот возен парк. Со ова возило ќе се зголеми ефикасноста на нашата работа.За урбани интервенции имаме седум возила, а за шумски пожари две застарени возила, изјави Стојчески.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *