СВР Тетово со проект „Безбедни училишта-за меѓуетнички соживот и толеранција“

Секторот за внатрешни работи Тетово неделава започна со практична имплементација на превентивно-едукативниот проект „Безбедни училишта-за меѓуетнички соживот и толеранција“, чиј носител е Отсекот за превенција, а кој се реализира неколку години наназад. Проектот се планира да се спроведува еден месец и негова цел е да придонесе за превенирање на инцидентите во училиштата и за зајакнување на меѓусебната доверба и соработка на учениците од различна етничка и друга припадност.

-Учениците од прва година средно образование исто така, преку интерактивни презентации што ќе ги одржуваат стручно обучени полициски службеници, ќе се запознаат и со законските импликации кои се однесуваат на нарушување на јавниот ред и мир, како и на други девијатни појави. Во рамките на овие активности на учениците ќе им бидат претставени и основните вредности на толеранцијата, нејзиното значење и формите и начините за нејзина поширока афирмација и унапредување, не само во училиштата, туку и воопшто во локалната заедница, вели Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.

Со проектот вкупно ќе бидат опфатени над 2.500 ученици во прва година од седумте тетовски и четирите гостиварски средни училишта, кои на посебни предавања поблиску ќе бидат запознати со личните и општествено негативните последици од предизвикување и учество во нарушувања на јавниот ред и мир во и околу училиштата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *