Општина Битола ќе засади 3.000 елки на повеќе локации

 Општина Битола со поддршка на РЕК Битола и со ангажман на ЈП „Комуналец“ почна со акција за садење на 3.000 елки на повеќе локации во градот и околината.

Проектот „Зелена Битола“ го најави градоначалникот на општина Битола Наташа Петровска, која истакна дека ќе бидат засадени елки затоа што се препознатливи на ова поднебје. Нема да се повторуваат поранешните грешки кога, како што рече, се засадувале дрвја низ неуспешни акции и непрепознатливи за поднебјето.

-Почнуваме со засадување на 3.000 зимзелени елки. Според планот, дел ќе бидат засадени во централното градско подрачје и притоа ќе формираме нови зелени паркови, но и ќе продолжиме да се справуваме со аеро-загадувањето во градот. Елки ќе бидат засадени и во околината на градот и населени места. Мапирањето го извршија екипи на нашите локални претпријатија, а носител на акцијата што ќе се одвива во три фази е ЈП „Комуналец“-Битола, истакна Петровска.

Директорот на ЈП „Комуналец“-Битола Панде Богоевски информира дека засадувањето елки, кои ги обезбеди РЕК-Битола, ќе се врши и во општините Могила и Новаци.

-Првата зона каде што ќе се врши засадување на елките ќе се реализира во непосредна близина на основното училиште „Св. Климент Охридски“, а ќе се засадува и на други локации бидеќи елките се веќе обезбедени од расадникот на претпријатието, потврди Богоевски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *