ИППГ бара лицата со попреченост да учествуваат во изборниот процес како и останатите граѓани

Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со посебни потреби (ИППГ) бара лицата со попречености да ги уживаат сите права на исти основи како и останатите граѓани особено правото да учествуваат во изборниот процес.

Потпретседателката на ИППГ Јагода Шахпаска, на денешната тркалезна маса на тема „Јакнење на интерсекторската соработка за унапредување на изборните права на граѓаните со хендикеп“, рече дека овие лица треба да ги уживаат не само правата за физичка достапност и пристап до гласачките места, како и изнаоѓање алтернативни места за гласања, туку и пристап до навремени информации за целиот изборен процес.

– Почнувајќи од кампањата што ја водат политичките партии, нивната програма, кандидатите, сето тоа да биде направено на начин на кој ќе можат и лицата со попреченост да ги добиваат овие информации и да бидат вклучени во самиот процес. Оттука и Државната изборна комисија (ДИК) треба да прави обуки на членовите на избирачките одбори кои согласно нашите закони се бираат по случаен избор од администрацијата. Тоа треба да бидат обучени луѓе кои ќе знаат на каков начин ќе ги вклучуваат лицата со посебни потреби во процесот на гласање, вели Шахпаска.

Околу измените на Законот за Агенцијата за аудиовизуелни и медиумски услуги, таа нагласи дека е многу важно материјалите кои ќе бидат пласирани во јавните медиуми да можат лицата со попреченост да ги разберат, односно да стигнат до нив како корисници на исто ниво со останатите граѓани во државата.

– Потребна е дополнителна демократизација на политичките партии. Во нашата држава се уште немаме пратеник или советник – лице со посебна потреба. Оттука секоја политичка партија не само декларативно, но и вистински треба да ги имплементира заложбите заради кои ние како пратеници учествуваме подигајќи ја свеста на граѓаните за лицата со посебни потреби, смета Шахпаска.

Таа информира дека на последните претседателски избори ДИК направила проценка дека во нашата земја 270.000 гласачи се лица со посебни потреби и оттука, како што вели, произлегува важноста овие граѓани да ги вклучиме во општествениот живот, да ги уживаат сите права на исти основи како и останатите граѓани особено правото да учествуваат во изборниот процес.

Според Шахпаска треба да се направи регистар во сите надлежни министерства за да се види колкав е бројот на лицата со попреченост и како се тие распределени по избирачките места па на таков начин да има секое лице пристап.

Врз основа на соработката со здруженијата на лицата со попреченост колегата Трајко Димков и јас успеавме во нашите политички партии да наметнеме толкување на знаковен јазик на последните претседателски избори како би се доближиле до лицата со попреченост на кои овој знаковен јазик им е неопходен за секојдневна комуникација, добивање на информации. Постепено можеби и бавно, но сепак правиме исчекор и се трудиме ова да биде пракса и во иднина, рече Шахпаска.

Претседателот на „Полио Плус“ – Движење против хендикеп Звонко Шаврески смета дека работите ќе се сменат на подобро доколку лицата со хендикеп имаат свои претставници во Законодавното тело, во советите, во местата каде што се носат одлуки.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *