Светскиот форум за демократија 2019 што официјално почнува денеска во Стразбур ќе мобилизира интелектуалци, политичари, активисти, експерти и млади од целиот свет, меѓу кои и млади од земјава.
Форумот ќе трае до 8 ноември, а теми ќе бидат информациите и демократијата, јавува дописникот на МИА.
-Информациите доживеаја голема еволуција. Традиционалните медиуми сега се дополнети, се во конкуренција и честопати се засенети од веб-страниците, блоговите и социјалните медиуми. Овие нови извори на информации им овозможуваат на милиони луѓе да споделуваат со само еден клик, без никаков филтер и без никаква контрола. Со оглед на овие пресврти, прашањето за сигурноста и достапноста на информациите, кои се основни услови за учество на граѓаните во демократските процеси, ќе биде клучно за трговијата, се вели во најавата на Форумот, чиј домаќин и организатор е Советот на Европа.
Учесниците на форумот почнаа уште од минатата недела во Стразбур да разговараат на следниве теми: Демократија во магла. Дали располагаме со сите потребни информации?; Враќање на довербата во медиумите; Информации и технологии: пријатели или непријатели?; Слобода на изразување и заштита на новинарите и Мултилатерален одговор. За тоа се предвидени десетина лаборатории-работилници на идеи наменети на предизвиците во различни форми, на кои ќе бидат претставени некои веќе реализирани активности, со што ќе придонесат за демократскиот одговор на прашањата покренати низ целиот Форум. За време на Форумот, Советот на Европа ќе ја додели и наградата за најпопуларната иницијатива претставена во овие лаборатории.
Паралелно со форумот се организирани работилници (форум – разговори) за Вештачка интелигенција и информации, дезинформации и лажни вести, новинарите во животна средина во опасност, безбедноста на новинарите, демократијата во дигиталната ера, проверка на факти и интегритет на информациите.
Форумот се одржува во партнерство со Градот Стразбур, Регионалниот совет на Долна Рајна, Регионот Гранд Ест и француската влада. Изданието за 2019 година е дел од француското претседателство со Комитетот на министри на Советот на Европа.