Димковски: Неселективна исплатата на субвенциите, поддршката за млади земјоделци ќе се зголеми двојно

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и член на Централниот одбор на СДСМ, Трајан Димковски синоќа, на партиска трибина во Македонски Брод, рече дека агро-секторот е на прав пат, дека исплатата на субвенциите е неселективна, а за младите земјоделци неповратната поддршка до крајот на годинава ќе се зголеми двојно, на 20.000 евра.

-На прав пат сме. Имаме ресурси кои треба да се стават во систем, а тоа се прави со нашите мерки за поддршка на земјоделството. Сите мерки и проекти даваат резултат. Земјоделството кое пред 2,5 години бележеше пад од 13 отсто, сега има раст од пет проценти, истакна Димковски.

Владата, дополни, успеа да ги исплати заостанатите субвенции, воведе зелена нафта, интерветни мерки и го поддржува земјодлството со седум милијарди денари, пари кои директно се враќаат кај земјоделците за да ги инвестираат во ново производство.

-Досега 424 млади земјоделци добија грант од 10.000 евра за да се мотивраат да се занимаваат со земјоделство, а веќе се во собраниска процедура законските измени со кои поддршката за млади земјоделци до крајот на оваа година двојно ќе се зголеми. Ќе се зголеми и поддршката за пчеларите, нагласи Димковски, додавајќи дека во врска со ИПАРД програмата сега сме меѓу петте водечки земји во црпење средства, што значи дека догодина нема да враќаме пари, туку ќе бараме повеќе.

На трибината се обрати и министерот за информатичко општество и потпретседател на СДСМ, Дамјан Манчевски, потенцирајќи дека тоа што им беше ветено на граѓаните, е исполнето.

– Се намалува невработеноста, се зголемуваат платите, се грижиме за најзагрозените категории на граѓани, вложуваме во инфраструктура, не се градат споменици и барок, немаме масовна кражба на парите на граѓаните туку тие се враќаат назад кај нив, рече Манчевски. 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *