Во Кичево превентивна посета на селата пред почетокот на зимскиот период

Во рамките на превентивните мерки пред почетокот на зимската сезона екипa составена од вработени од ПО РЦУК Кичево и претставници од ЈЗУ Здравствен дом –  Кичево извршија посета на повеќе семесјтва во селата Тајмиште, Мидинци и Кнежино во текот на изминатиот месец.

Посетата беше со цел да се утврди подготвеноста на жителите за претстојниот зимски период, особено при евентуални интензивни врнежи од снег проследени со прекин во одвивањето на патниот сообраќај до овие населени места. За време на посетата  тимот од ЈЗУ Здравствен Дом изврши лекарски прегледи врз населението.

Овие активности, вообичаено, ПО РЦУК Кичево ги презема во изминатите години за да го запознае наелението со потребата  редовно да биде снабдено со доволни количини храна и лекови, но и храна за добитокот и живината што ги одгледува. Жителите се запознаа и со значењето и употребата на бесплатниот број за итни повици 195 во случај на подолготрајна изолираност во услови на високи снежни врнежи.

Посетата беше искористена и за утврдување на можноста за поставување на радиостаници од УКБ радио системот за известување на ПО РЦУК Кичево, со оглед на искуството од минатите години кога при обилни врнежи од снег овие населени места останувале некој период и без снабдување со електрична енергија како последица на тешко пристапниот терен за екипите за поправка на напојната мрежа. Населението беше запознато со предноста на УКБ системот при вакви непогоди,  особено во случај на прекин на останатите врски.

Активноста за посета на населените места кои се наоѓаат на поголема надморска висина ПО РЦУК Кичево ќе ја продолжи и во наредниот период, објасни Сузана Тасевска  раководителот на ПО РЦУК во Кичево.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *