Штипски студенти присуствуваа на предавање на еден од најстарите фолклористи

„Фолклорот како чувар на народниот јазик и народниот бит“ беше тема на предавањето кое во организација на Книжевниот клуб „Кула“ на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ го одржа Иван Котев, собирач на народно творештво, фолклорист и истражувач. Котев веќе 50 години го проучува фолклорот, но и собира сказни, песни, анегдоти.

– Дојдов до сознание дека фолклорот е живот, дека целокупниот живот на луѓето всушност од најстарите времиња до денес се сублимира во фолклорот, во поговорката, песната, приказната, анегдотата, вицот, и во новите форми кои се раѓаат. Фолклорот е едно непресушно богатство кое се репродуцира преку духот на народот. За жал, не се посветува доволно внимание на фолклорот и ако нема некои ентузијасти кои од љубов го собираат и зачувуваат тоа народно богатство, тогаш ќе остане несобрано. Не е тоа од сега, ете и Цепенков, Миладиновци, Шапкарев исто така имале проблеми со издавањето на своите дела, вели Котев.

Идејата за ова предавање е иницијатива на доц. д-р Ана Витанова-Рингачева, а повод е тоа што студентите го учат предметот Народна литература во прва година, на Катедрата за македонски јазик и книжевност, но ретко имаат можност да се соочат со оние кои всушност го собрале народното творештво, а ние денес го имаме во пишана форма и имаме можност да го истражуваме.

– Токму затоа сакав да им ја овозможам таа привилегија на студентите да видат дека и денес има современи собирачи на народното творештво. Тие ги знаат имињата на Марко Цепенков, на Кузман Шапкарев, на Вук Караџиќ, но тоа е само во книгите, во литературата. Соочувањето со собирач на народно творештво кој и денес ѝ пркоси на современата технологија и на сето тоа што се случува околу нас е едно посебно доживување кое сакав да им го овозможам. Иван Котев е посебна појава во македонската фолклористика, поради тоа што тој автохтоно ги запишува фолклористичките единици така како што ги слуша, како што ги прима, не ги видоизменува, не интервенира во нив, значи го пренесува тој жив јазик на нашите предци кој полека изумира, изјави доц. д-р Рингачева.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *