Нови шест стипендисти на ЕСМ, ЕВН и МЕПСО

Шест студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) од Скопје, од денеска се нови стипендисти на најголемите електро-енергетски компании во земјава – АД ЕСМ, ЕВН Македонија АД Скопје и АД МЕПСО.

Стипендиите за студентите на ФЕИТ се доделуваат осум години и досега, поддршка добиле околу стотина стипендисти.

Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски на денешното доделување на стипендиите, изрази огромно задоволство од неколкугодишната соработка и поддршка за студентите на Факултетот.

– Како декан на ФЕИТ, сум задоволен од неколкугодишната соработка и поддршка од електро-енергетските компании за нашите студенти. Доделувањето стипендии стана традиција и нашите студенти – стипендисти добиваат одлична поддршка со обезбедување средства за нивна едукација, можност за практична работа и за нивно вработување во овие компании. Преку нашите студенти и ние сме во контакт со овие компании и постојано ја преиспитуваме нашата образовна политика и ја прилагодуваме на потребите на стопанството, порача Ташковски.

Традицијата за доделување стипендии за студентите на ФЕИТ ја потенцираше и Васко Ковачевски, ​генерален директор на АД ЕСМ.

– АД ЕСМ има традиција на помагање во повеќе општествени области, а образованието е една од областите кои нашата компанија со особено задоволство ги поддржува. Причината е што образованието е столбот на градењето на едно општество. Вложувањето во кадри, особено од електротехниката и информациските технологии кои се се побарани во светот и кај нас, е гарант дека нашата економија ќе се развива во вистински правец и ќе има стручни лица кои во иднина ќе го понесат товарот на развојот кон модерни техничко-технолошки текови. Од тие причини, АД ЕСМ ќе продолжи да го поддржува образовниот процес кој се одвива на ФЕИТ и кој продуцира носечки кадри за развој на нашата економија, рече Ковачевски.

Генералната директорка на МЕПСО, Ева Шуклева посочи дека компанијата веќе осма година учествува во стипендирање студенти на ФЕИТ.

– Процесот на стипендирање студенти го практикуваме од 2012 година. И денеска, осма година по ред, со финансиска поддршка при едукација на квалитетните кадри, праќаме директна порака до сите студенти дека ги следиме нивните резултати и ја цениме нивната работа и трудот што го вложуваат во образовниот процес. Неколкумина од досегашните стипендисти веќе се дел од колективот на МЕПСО и тоа треба да биде стимул за сите студенти. Интензивната соработка со ФЕИТ на повеќе полиња е потврда дека вратите на нашата компанија се отворени за соработка со научно-образовните установи. На новите стипендисти сакам да им посакам многу успех и да истакнам, работете и надградувајте се вредно и систематски. Ние знаеме да ги цениме и валоризираме вашите резултати, рече Шуклева.

За Сашо Стојкоски, член на Управниот Одбор на ЕВН Македонија, креирањето млади стручни кадри е стратегиска цел на компанијата.

– Една од стратегиските цели на ЕВН е креирање на млади стручни кадри кои во иднина ќе бидат главната движечка сила во новите процеси во енергетиката. Нашата поддршка на студентите на ФЕИТ се движи во три правци: доделување стипендии, овозможување практична работа и можност за вработување. Од 2010 година досега, стипендија од ЕВН добиле над 40 студенти, речиси половина од нив работат во ЕВН, а некои од нив веќе се дел и од раководните позиции во компанијата. Со иновативни проекти и платформи, ЕВН влијае врз промените во образовниот систем во земјава со што се овозможува подигнување на квалитетот и создавање кадри потребни на пазарот на трудот. Сето ова значи дека и во иднина, студентите по електротехнички науки ќе ја имаат поддршката на ЕВН, потенцира Стојкоски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *