Општините во Скопскиот плански регион минатата година склучиле 273 договори повеќе во споредба со 2017 година. Од нив, 27 договори во вкупна вредност од 778 илјади евра се склучени без објавување на јавен оглас, а 254 постапки се делумно или целосно поништени.
Според истражувањето на Здружението на економски новинари (ЗЕН), во 2018 година општините во Скопскиот плански регион склучиле вкупно 1.082 договори за јавни набавки во вкупен износ од 38,4 милиони евра. Вкупниот износ на 273 договори изнесува 3,41 милион евра.
Резултатите од истражувањето се добиени од податоците на 17 општини од Скопскиот планскиот регион и Град Скопје.
Ова се дури 21 отсто од набавките, или секоја четврта постапка. Поради немање ниту една прифатлива понуда поништени се 18,3 проценти од вкупниот број на поништени постапки за 2018 година. Тоа укажува дека не е посветено доволно внимание при анализа на пазарот и подготовка на тендерските документации, истакна претседателката на ЗЕН Марија Георгиевска на денешната прес-конференција.
Таа посочи дека вредноста на договорите за јавни набавки склучени во земјава лани изнесувала 756 милиони евра, што е удел од само 25 отсто во буџетот на земјата.
Истражувањето покажува дека голем број на локалните самоуправи во Скопскиот планскиот регион немаат воспоставено систем за следење на реализацијата на склучени договори.
– Загрижувачки е фактот што лани поголем број на локалните самоуправи во Скопскиот планскиот регион немаат воспоставен систем за следење на реализација на склучените договори. Следењето на реализација на договорите е клучен елемент од јавните набавки. Со реализацијата се затвора процесот на јавна набавка како последен чекор од успешно спроведена јавна набавка, вели Георгиевска.
Најмноги пари за јавни набавки се потрошени во Општина Центар односно 173 илјади евра или 13 отсто од вкупната вредност на договорите и во Град Скопје каде се потрошени 556 илјади евра или 28 отсто од вкупната вредност на овие договори.
Од Здружението на економски новинари препорачуваат поголема транспарентност на општините, поголема координација во самите сектори, како и поголема отчетност на општините и на Бирото за јавни набавки кон јавноста, односно достапност на податоците на нивните веб страници.