Филмови, дебати, работилници посветени на медиумите и новинарството во дигиталната ера ќе понуди третиот Истражувачки филмски фестивал – Скопје (ИФФС), кој ќе почне вечер во 19 часот во „Кино Култура“. Го организира Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА и ќе трае до 2 ноември.
-Ќе има повеќе од 30 странски и домашни гости, врвни истражувачки новинари кои ќе ги споделат своите искуства и ќе дебатираат како новинарството може да преживее и напредува рамо до рамо со доминантните социјални медиуми, што медиумите би можеле да понудат на публиката опремена со лични дигитални редакции во своите телефони, и кои алатки и платформи можат да се исползуваат за сеопфатно пласирање на новинарските приказни, соопшти ПИНА за третиот ИФФС, чие мото годинава е „Кон дигиталното“.
Годинава фестивалот ги разгледува негативните и позитивните влијанија на новите дигитални трендови и социјалните мрежи врз новинарството и медиумите.
-Првпат ова издание ќе има иинтерактивна програма во која посетителите низ текот на целиот фестивал ќе може да погледнат интересни содржини за користење на дел од најиновативните алатки во медиумите и новинарската работа, изјави Кристина Озимец, претседателка на ПИНА и главен координатор на фестивалот.
Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје ќе биде отворен со дебатата: „Новинарството и медиумите во дигиталната ера и социјалните мрежи, каде одиме?“, која по воведниот дел ќе почне во 19.15 часот. Од 20.30 часот ќе биде прикажан филмот „Големиот упад“ („Тhe Great Hack“), документарен филм за скандалот со Кембриџ аналитика и злоупотребата на личните податоци на корисниците на Фејсбук.
Со интерактивната содржина на третиот ИФФС, првпат на Фестивалот на посетителите им се нуди увид во виртуелната реалност во новинарството, преку работата за правата на бегалците на тимот на Контраст. Овој дел од фестивалската програма е поддржан од УНХЦР Скопје.
Покрај филмови, ИФФС повторно ќе организира и голем број работилници и разговори за најновите трендови во медиумите и на социјалните мрежи со гости од повеќе земји. Фестивалот е од интернационален карактер и дел од настаните се на англиски јазик. Влезот за сите настани е бесплатен.
Very informative and funny! For those curious to know more, check out: FIND OUT MORE. Let’s discuss!