Свечена програма на Општина Битола посветена на празникот на градот 4 Ноември

 Општина Битола ја објави празничната програма посветена на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот која ќе се реализира од 1-ви до 4 ноември.

Свеченостите почнуваат со отворање на изложба „Книги-историја, иднина“ чиј организатор е Македонско научно друштво-Битола, а ќе продолжат со доделување на наградите на најдобрите учесници на Интернационалниот фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“. Првата програмска вечер ќе заврши со промоција на книгите „Попатни паралопомени“ и „Вермахтот и Егејскиот дел на Македонија 1941-1944“ чиј автор е Александар Литовски.

За време на викендот во Битола ќе се одржат традиционалните празнични манифестации, шаховски турнир за слепи лица, велосипедска трка, градско кугларско првенство и ноќна атлетска трка по Широк Сокак.

Од Општина Битола информираат дека на денот на празникот, на 4 Ноември делегации од градот ќе положат цвеќе на спомениците од народно ослободителната борба, а точно напладне градоначалничката Наташа Петровска ќе потпише повелба за збратимување со општината Конак од турскиот град Измир.

Празничната програма на Општина Битола завршува со традиционалната свечена академија на која се доделува наградата „4 Ноември“ за најуспешните битолчани.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *