Мојата земја мора да ги започне преговорите со ЕУ, како сигнал за продолжување на реформите за кои токму Франција се залага, истакнал заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски во обраќањето на 36. министерска конференција на Меѓународната организација на Франкофонијата, која се одржува денеска и утре во Монако.
Ги разбираме, потенцирал Жерновски, позициите на Франција во однос на ЕУ и нејзиното проширување и не бегаме од новата методологија која се најавува. Напротив, го поддржуваме секој нов процес што ќе придонесе за поефективна трансформација на нашето општество, но европската перспектива на Репубика Северна Македонија не смее да биде доведена во прашање.
Говорејќи во овој контекст, како што соопшти МНР, Жерновски нагласил дека сторената грешка со недоделувањето на датум за преговори на нашата земја за членство во ЕУ, која грешка е нотирана и во последната Резолуција на ЕП, треба да се коригира во интерес на стабилноста на регионот и на цела Европа.
Од секој аспект, потенцирал Жерновски, Република Северна Макединија и географски, и културно, и историски е интегрален дел на Европа и доколку сакаме да зборуваме за силна, мирна и просперитетна Европа, нашата и земјите од регионот треба да бидат дел од ЕУ”.
Заменикот министерот за надворешни работи ја реафирмирал улогата на нашата држава како активен член на Меѓународната организација на Франкофонијата. – Како дел од франкофонското семејство, континуирано ги афирмираме вредностите на македонското општество – демократијата, мултиетничноста, толеранцијата и солидарноста, рекол Жерновски.
На маргините на конференцијата, заменикот министерот остварил билатерални средби со министрите за надворешни работи на Монако, Луксембург, Белгија, Малта, Босна и Херцеговина.
На годинешната Конференција на Франкфонијата учествуваат министри и претставници на држави и влади на 88 земји од сите континенти во кои се говори и користи францускиот јазик.