Со најавите за настапување на ниски температури и интензивирањето на грејната сезона во домовите, трговските дуќани, јавните објекти во Полог, од СВР Тетово предупредуваат на ризиците од пожари. Во вакви околности, како што наведуваат, до нив доаѓа поради човечко невнимание, стари и дотраени електрични инсталации, неисправни печки и навреме неисчистени оџаци во куќи или станбени згради.
– Апелираме до граѓаните за максимална внимателност. Да не ги оставаат вклучени грејните тела (греалки, клима уреди) или печки на дрва – кога подолго време не се присутни во домовите или работните простории. Доволна е само мала искра за да пламне пожар со сериозни материјални и други последици, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Апелот посебно се однесува до жителите во станбените згради, каде потешко се локализираат пожарите поради недостигот на потребната опрема и отежнатиот пристап до објектите.
Од СВР Тетово на сопствениците на куќи и на станарите во зградите им се советува најмалку два пати годишно да ги проверат и исчистат оџаците и да не ги преоптоваруваат инсталациите со вклучување на повеќе електрични апарати оддеднаш.
Предизвикувањето на општа опасност (пожар) претставува кривично дело (член 288 од Кривичниот законик) за кое е предвидена затворска казна од една до пет години, а доколку тоа е направено од небрежност, казната е до три години.
Your humor made this topic so engaging! For further reading, click here: DISCOVER MORE. Looking forward to the discussion!