Европскиот парламент усвои Резолуција во која се бара ЕУ да почне пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Минатонеделната одлука да се одложи се оценува како стратегиска грешка која го нарушува кредибилитетот на Унијата и испраќа негативна порака до земјите кандидати. На иста линија е и еврокомесарот Јоханес Хан кој вчера повторно го критикуваше негативниот став на Франција и одбивањето на европските лидери да донесат одлука за почеток на пристапните преговори, оценувајќи оти последиците по двете земји и по регионот може да бидат катастрофални. Францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние, пак, вели дека не е само Франција одговорна, туку и оние земји кои оставиле простор за надеж дека одлуката ќе биде компензација за Договорот од Преспа.
Европскиот парламент во резолуцијата наведува дека ваквата одлука отвора можност други странски фактори чии активности можеби не се во линија со вредностите и интересите на ЕУ да се ангажираат поактивно и да го наметнат своето влијание во овие две земји. Европскиот парламент истакнува дека реформите на процесот на проширување што ги бараат некои земји од ЕУ не треба да ги попречува Албанија и Северна Македонија кои веќе ги исполнија условите што беа побарани од нив.
На процесот не треба да влијаат ниту внатрешно-политичките прашања во земјите членки. На Северна Македонија и се изразува признание за решавањето на, како што се наведува, тешките билатерални прашања со соседите, а на Албанија за спроведените судски реформи.
Пред Парламентот да ја донесе Резолуцијата, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан повторно остро го критикуваше негативниот став на Франција и одбивањето на европските лидери да донесат одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, оценувајќи оти последиците по двете земји и по регионот може да бидат катастрофални.
Тој во интервју за австриската агенција АПА вели дека по негативната одлука на лидерите на ЕУ се отвора прашањето дали станува збор за трајно вето од Франција за проширувањето.
– Искрено кажано по одлуката на Советот на ЕУ, ние сме беспомошни. Сепак, треба да се има предвид дека 25 земји се изјаснија за отворање на преговорите, истакнува Хан, упатувајќи критика за принципот за едногласно носење одлуки во Советот на ЕУ, кој според него досега повеќепати се покажа како неефикасен.
Хан вели дека францускиот претседател Емануел Макрон бара ЕУ претходно да спроведе внатрешни реформи што е поддржано и од некои други членки. Но, тоа според еврокомесарот, може да се одвива и паралелно со процесот на пристапување на државите кандидати.
– И едното и другото ќе траат со години и ако ја следиме линијата на Макрон и би се одело едно по друго тоа во пракса би значело дека перспективата за членство во ЕУ може да стане реалност дури по 30 години. А, тоа не би била никаква перспектива ниту поттик за реформите, смета Хан.
Еврокомесарот за проширување оценува дека очигледно Франција во моментов не сака никакво проширување на ЕУ, а најавите дека ова прашање повторно ќе се разгледува за време на хрватското претседавање е „бесконечна приказна“.
Тој упатува порака до официјален Париз дека приемот на нови земји членки не е ревизибилен процес посочувајќи на Копенхашките критериуми. Постои можност преговорите да бидат прекинати, ако се утврди назадување на земјата кандидат.
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на вчерашната прес-конференција што ја закажа со цел да одговори на сите прашања на новинарите по француското „не“ за одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, истакна дека ги пренел во Париз на француските власти силните емоции и разочараноста која се чувствува во земјава по Самитот на ЕУ во Брисел.
Тимоние истакна дека геополитиката ги надминала реалните очекувања и во јавноста се „создал впечаток дека Преспанскиот договор е единствениот услов за почеток на преговори“.
Одговарајќи на новинарско прашање дали се свесни неговите претпоставени во Париз за тоа што направија во земјава, Тимоние изјави дека во јуни Бундестагот не бил подготвен, ЕУ беше во процес на избори, а во текот на летото, како што рече „мистериозно на некој начин се појави идејата дека одлуката ќе биде компензација за Договорот од Преспа“.
-Се случи чудна промена на перспективата. Јас како набљудувач често пати се прашував како од објективна проценка на агендата преминавме кон позитивните и слабите точки на наградата за постигнат договор, од техничките, фундаменталните аспекти, кои се услови за почеток на преговорите се најдовме во ситуација да се занимаваме со прашања од геополитика. Тоа не беше француската перспектива. Геостратешките аспекти се важни, но имаше чудно поместување на вниманието, кое повеќе допира до политички маркетинг, наместо до дипломатки дискусии, рече Тимоние.
На прашањето да даде коментар како другите земји-членки на ЕУ процениле дека реформи има, дека тие продолжуваат и се во вистинска насока, а само Франција не го согледала тоа, Тимоние вели дека ништо не е завршено, оти пред нас е самитот во Загреб, а претседателот Емануел Макрон ги признал реформите што се направени, но укажал дека е потребна нова методологија за проширувањето за да бидат подготвени и ЕУ и земјите-членки.