Заедничка оперативно тактичка показна вежба „Плен“ во полицискиот центар „Ѓорче Петров“ денеска изведоа единици од СВР Скопје, Одделот за специјални полициски операции, Одделот за воздухопловни единици и Регионалниот центар за гранични работи – Север, со цел да демонстрираат заеднички, координиран и синхронизиран настап кога треба да се преземат мерки за справувавње со предизвици поврзани со спречување бегство и апсење лица, извршители на тешки кривични дела.
И сето ова беше изведено преку симулација на грабеж на артефакти во Музејот на современа уметност во Скопје од страна на три вооружени лица, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој заедно со неговиот косовски колега Екрем Мустафа ја проследија вежбата, оцени дека само преку вакви симулации – вежби можеме реално да бидеме поподготвени за секој предизвик што стои пред македонската полиција.
По вежбата министрите Спасовски и Мустафа заеднички констатираа дека Северна Македонија е држава која произведува стабилност и мир во Западен Балкан.
– Она што денеска го покажаа потврдува дека се подготвени да ја сочуваат безбедноста, стабилноста и на граѓаните и на РС Македонија. Се покажува дека Македонија навистина е држава која креира или продуцира мир и стабилност и во регионот, заради тоа што справувањето со вакви силни предизвици е врвен приоритет. Ако немате безбедност и стабилност, тогаш нема на што да почива државата и нејзиниот напредок, изјави Спасовски.
Според министерот Мустафа, македонската полиција покажала дека е подготвена да се справи со кои било предизвици.
– Република Косово и РС Македонија се пријателски држави кои се залагаат за стабилност во регионот. Без сигурност во нашите држави, нема да има ниту странски инвестиции, ниту безбедност на двете земји, изјави министерот Мустафа.