Како држава сме подготвени во делот на евентуално зголемување на бранот на мигранти. Ставот на Владата е истиот што сме го имале и досега и тука немаме промена во однос на тоа дека имаме два транзитни центра низ кои поминуваат мигрантите. Апсолутно ќе ја почитуваме политиката на Европската унија во однос на справување со евентуална мигрантска криза.
Ова е одговорот од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на новинарско прашање дали земјава е подготвена за можноста од Турција да биде пуштен нов бран мигранти.
– Засега се уште немаме индиции дека може да дојде до зголемување на бројот на мигранти. Сметам дека Европската унија треба сериозно да остане на спроведувањето на договорот со Турција ако сакаме навистина да не ни се случи нов мигрантски бран, нагласи Спасовски и додаде дека тоа е работа што мора да ја завршат челниците на Европската унија и на Турција.
Министерот Спасовски, по денешната оперативно-тактичка вежба „Плен“ во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, потенцира дека Владата ги следи тие политики, и пред се работи на заштита на нашата држава и нашите граѓани, а со тоа придонесува за безбедноста на целиот регион. Нагласи дека од круцијално значење при вакви сериозни предизвици е координацијата, меѓусебната размена на информации и спроведувањето на заедничката политика.