Еко Герила: Општините често не постапуваат по пријавите на граѓаните за еколошка несовесност

Сметот што со години се остава на локација близу селото Доброште ќе достигне до огромна дива депонија, ако не се преземат мерки за расчистување, алармираат од еколошкото здружение Еко Герила од Тетово. На најновите фотографии од местото кои ги објавуваат, може да се види комунален смет и градежен шут во шумски предел.

-Согласно Законот за локална самоуправа, член 22, став (1) 4, општините се должни да транспортираат и преработуваат комунален цврст отпад, но тоа не го прават. За ова утрово биле контактирани Општина Теарце и нејзиниот градоначалник Исен Асани и следно е претставка до Инспекцискиот Совет на Република Северна Македонија и до Владата во Скопје, каде ќе бараме Општина Теарце и градоначалникот Асани да одговараат пред законот, информираат од Еко Герила.

Аријанит Џафери од Еко Герила објаснува дека повеќе пати се случува по добиена дојава за создавање на дива депонија тие да испратат барање да се расчисти сметот до инспекторите и до општините, но нема реакција од надлежните во локалните самоуправи. Освен во најновиот случај со Доброште, вели дека често пати барале до Општина Тетово да постапува за одредени состојби.

-Се случува често, иако неколку пати е пријавен проблемот, да не биде решен. Потоа доколку по одреден временски период нема резултат се одлучуваме да се јавиме во Инспекцискиот совет. Таа установа е надлежна да утврди зошто на пример инспектор или општинска служба не постапила по пријавата на граѓаните, објаснува Џафери.

Општина Тетово на савојата интернет страница има подкатегорија Е-репорт каде граѓаните и директно можат да пријават несовесните однесувања на физички и правни лица кои со своите постапки ја загадуваат животната средина. Општинските еколошки инспектори ќе реагираат за секој случај пријавен од страна на граѓаните, кои мора да пополнат образец и да испратат фотографии од местото на настанот, се вели на интернет страницата.

На почетокот на октомври, градоначалниците од Полошкиот регион добија насоки од експерти како да се реализира првата фаза од долгорочниот план за справување со отпадот и формирање на регионална депонија Русино.

Планот опфаќа три фази во периодот 2019-2029, а во првата се предвидува формирање заедничко јавно претријатие како и брзи и итни мерки за подобрување на сегашниот статус на депонијата Русино.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *