Министерот за економија Крешник Бектеши денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Кина во земјава, Џанг Ѕуо со кого разговараше за досегашната соработка помеѓу двете земји, но и за можностите за соработка во иднина, особено на полето на економијата.
Како што соопшти Министерството за економија, Бектеши го изразил своето задоволство за успешната реализацијата на досегашните проекти во областа на патната инфраструктура и истакнал дека постои голем потенцијал за проширување на соработката и во делот на енергетиката, туризмот, земјоделството и културата.
– Бектеши изрази убедување дека развојот на трговските и економските односи меѓу двете земји ќе продолжи на високо ниво, особено во рамки на Процесот за соработка „17+1“, се додава во соопштението.
На средбата Бектеши ги презентирал реализираните проекти и планираните активности на Министерството за економија во делот на енергетиката, трговијата, соработката со бизнис заедницата и поддршката на странските инвеститори, со посебен акцент на можностите што ги имаат домашните и странските компании согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој е основа за развој на економијата и има еднаков третман за сите инвеститори.
– Амбасадорот Џанг изрази поддршка на политиките кои ги води Владата во делот на подобрување на билатералните односи меѓу двете земји и истакна дека е многу важно и понатаму интензивно да се работи на зајакнување на трговската соработка помеѓу Кина и Северна Македонија. Тој потенцираше дека ќе вложи максимални напори, Република Северна Македонија да ја претстави како поволна дестинација за кинеските компании и ќе иницира средби и посети на кинески компании на земјава, се нагласува во соопштението.