Германскиот амбасадор во Прилеп – промовирани две донации од 12.000 евра

Германскиот амбасадор во Македонија Томас Герберих, денеска за време на првата посета на Прилеп се сретна со градоначалникот Илија Јованоски, со кого разговараше за продлабочување на идната соработка на амбасадаа со прилепската локална сампуправа и промовираше два проекта кои ги финансираше амбасадата.

Извршено е примопредавање на кабинет по билологија во прилепското средно медицинско училиште „Ѓорче Петров“ и индустриска машина за перење во домот за стари лица „Киро Крстески Платник“, со вкупна вредност од околу 12.000 евра.

Герберих и Јованоски истакнаа дека соработката продолжува, особено во областите на водоснабдувањето, депонирање отпад, канализациска мрежа и заштита на животната средина.

Јованоски се надева на поинтензивна соработка, особено поради фактот дека германската влада и KFW – банката го финансираа големиот проект за подобрување на системот за водоснабдување во Прилеп.

– Се договоривме како ќе се одвива соработката во наредниот период. Го посетивме медицинското училиште и видовме како функционира кабинетот по биологија што го донираше германската влада, а во старскиот дом се информиравме за состојбата во оваа институција и за донацијата на индустриската машина за перење, многу неопходна на оваа институција. Се надевам на уште поинтензивна соработка во иднина зашто Германија како една од водечките економски сили во светот ќе и биде од голема помош на Македонија, оттука и на Прилеп, рече Јованоски.

Герберих рече дека по своето доаѓање во Македонија ова е вистинско време да се воспостави соработка и со македонските општини, а во Прилеп може да има појдовни точки на соработка.

– Германија и Македонија со години соработуваат на политички, културен и економски план, но освен соработката меѓу владите, сакаме да ги посетуваме и македонските општини. Ме интересира како работат општините и со какви проблеми се соочуваат во секојдневието и каде ние, како влада, би можеле да се вклучиме со помош, рече тој.

Додаде дека бил информиран од градоначалникот каква е ситуацијата со водоснабдувањето, со депонирање на отпадот, со канализациската мрежа, загадувањето на воздухот и од тоа произлегоа почетните точки на кои во иднина би можеле да соработуваме.

– Амбасадата со средства од Сојузното министерство за надворешни работи, поддржува и мали проекти. Минатата година имплементиравме два кои денеска свечено ги примопредадовме – кабинет по билологија во средното медицинско училиште од речиси 4.000 евра и индустриска машина за перење во домот за стари лица во вредност од околу 8.000 евра. Пред крајот на годината имавме одделено средства и со македонското Министерство за финансии потпишаме спогодба за околу девет милиони евра за проекти во водоснабдувањето и наводнувањето, таканаречена фаза 2. Сигурен сум дека ќе имаме финансиска соработка и понатаму, рече германскиот амбасадор.

Според директорот на прилепскиот Дом за стари лица, Кристијан Пиличев индустриската машина за перење е од голема помош за штитениците во домот во кој се смесени околу 120 корисници.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *